1 Кратенката Г8 ја означува групата на седумте најбогати земји плус Русија. Кратенката Г14 се употребува за групата на четиринаесетте најбогати и најсилни фудбалски клубови во Европа. Кратенката Г2 ќе биде ознака на новата Влада на Македонија. Градинка и геријатрија. “Весели цветови” и “Панада”. Во градинката водач на групата е Груевски со сите деца што малку пораснале додека тој беше министер за финансии. Во геријатрискиот оддел главниот збор ќе го имаат Михајло Маневски, Вера Рафајловска и Љупчо Мешков.
Црвенковски стана премиер на 30 години. Љубчо Георгиевски стана потпретседател на претседателот на 25 години. И тоа им беше прво вработување. Така што Никола за Бранко и Љубчо е напредно дете зрело за забавиште, оти на 29 години веќе вежбал како министер за трговија и за финансии.
Ова е наследството од времето на Киро Глигоров. Ги тргна настрана тие што можеа да бидат попаментни од него и си го зема Бранко за да си го манипулира. Бранко порасна и си зема свои деца за да си ги манипулира. И така стигнавме до ова дереџе.
Петнаесет години, цело време ние некого растеме. Го пораснавме Бранко до претседател и сфативме дека колку што тој расте, Македонија се смалува.
2 Ај сега ќе ги растеме и децата на Груевски. Кај биле 15 години, ќе издржиме уште четири.
Ако министрите ни се во градинка, кои ли ќе им бидат заменици? Или воспитачките, или помалата група.
Вториот ешалон веќе почна да се екипира. Новата вицепремиерка Габриела Коневска доби ќерка. Еве, јас ја нудам како одлично кадровско решение мојата трииполгодишна ќерка. Може да му биде заменик на Антонио Милошоски. Дипломатка. Иста е како Илинка. Многу сака да се вози со авион, и хировита е кога е во прашање фризурата и гардеробата. Кога ќе оди во странство ќе ги тера амбасадорите да и прават прцли. Помалиот син има само 10 месеци, па ќе ја чека првата реконструкција. Не е толку амбициозен. Добар е за министерството за екологија. Кога кака, не прави неред. Си ја собира каката во пелени.
3 Кога ќе се погледне држубата “Весели цветови” не значи дека повеќе го почитувам Михајло Маневски кој ќе прави реформи во судството од времето на Милан Панчевски, отколку Миле Јанакиески кој како министер за транспорт којзнае дали се качил во воз. Напротив. Младоста и ученоста на оваа влада се нејзиниот најголем адут.
Не ми е страв мене дека министрите не се пораснати. Проблемот е дали ќе бидат дораснати. Не треба да се очекува многу од нив. Доволно е да се зафатат со најголемиот предизвик. Да не се претворат во Бранко и Љубчо.
4 Во сите демократски држави на избори се гласа или за власта, или за опозицијата. ДУИ беше во власта. Граѓаните гласаа за опозицијата и власта изгуби.
Нека не се прават победници. Тоа што добиле повеќе албански гласови е неважно за државата и за демократскиот процес. Ако тие инсистираат да си ги бројат само своите гласови, тогаш јасно кажуваат дека се за дезинтеграција на земјата. Приказните за Европа не им држат.
5 Ерван Фуере откако ја направи бељата со логиката дека ДУИ треба да влезе во владата, сега ги храбри да издржат во опозиција. Ама не ги храбри доволно да не го кршат законот.
Европскиот амбасадор беше во Чаир. Таму градоначалникот на Чаир изјави дека намерно го донеле законот за грб и знаме на општината без да го почитуваат Бадинтеровото мнозинство “за да видат Македонците како е да се во малцинство”.
На тоа Фуере му рече дека законите треба да се почитуваат. А овој му одговори “Е баш нема да ги почитуваме”.
И сега што? Европа мудро ќе молчи додека Албанците од ДУИ не создадат институции за да се одвојат. Или ќе чекаат да се јави Џилијан Миловановиќ за да глумат дека пратат акција.
6 ДУИ се откажа од блокадите на улиците. Нашле и тие кого да блокираат.
Ние не се потресовме кога тие од планина влегоа во влада и и го сменија ликот на државата, а не пак сега што нема да влезат во влада.