Демонстранти упаднаа во владини згради во Ереван откако Ерменија, Азербејџан и Русија потпишаа договор за крај на воениот конфликт во спорниот регион Нагорно-Карабах. Ерменскиот премиер Никол Пашинијан го опиша договорот како „исклучително болен за него и за неговиот народ“, додавајќи дека го потпишал на инсистирање на армијата.
Стотици луѓе излегоа на улиците на Ереван по потпишувањето на мировниот договор, при што искршиле прозорци на официјалната резиденција на Пашинијан, кого го обвинија за предавство. Гневната толпа успеа да влезе и во ерменскиот парламент, при што бил натепан спикерот Арарат Мирзојан.
Борбите во Нагорно-Карабах повторно беа обновени пред шест недели, при што загинаа илјадници луѓе, а 100.000 се раселени. Оваа територија е дел од Азербејџан, но е под контрола на етничките Ерменци.
Русија денеска почна да распоредува свои мировници долж линијата на фронтот. Тие ќе формираат коридор меѓу регионот и Ерменија и планирано е да останат таму пет години.
„Потпишаниот договор ќе биде клучна точка за трајно решавање на конфликтот“, кажа претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Според договорот, Азербејџан ќе ги задржи териториите освоени во изминатиот период, што го вклучува и вториот по големина град во енклавата, Шуша, а ерменските сили мора да се повлечат од уште некои региони до 1 декември.