1 Два дена ја пишуваме приказната за едногодишната Марија од Радовиш која на детската клиника лежи со мозочна смрт, ама никој не знае зошто. Првиот ден никој не сакаше да даде изјава, ама кога сликата на несреќното девојче излезе на насловната страница на “Вест” добивме писмо од Детската клиника. Лекарите се потпишале на медицинските објаснувања за состојбата на девојчето, ама на крајот, за секој случај ни соопштија дека ќе не тужат.
За што ќе не тужат? Затоа што ние сме виновни дека во здравствениот дом во Радовиш нема најобична инфузија. Затоа што ние сме виновни дека во болницата во Струмица не работел апаратот за анализа на крвта. Затоа што ние сме виновни дека детето лежи во Скопје во кома.
Ако сме виновни по овие три основи, тогаш еве, ќе одговараме.
Го молам министерот за здравство Имер Селмани секој ден да прави список во која болница што му работи. Како метеоролошка прогноза. Во Радовиш нема инфузија, во Скопје не работи компјутерската томографија, на Хирургија нема конци, во Битола лекарите немаат сини картони… Да знаат луѓето. Ако се разболат да не бараат помош таму каде што треба.
На крајот на краиштата, што е битно здравјето на малата Марија. Поважно е дека во понеделник владата ќе ги поставува новите директори во Клинички центар и сите болници и здравствени домови низ Македонија.
2 Зошто Али Ахмети побара од Груевски да се сретнат во Шипковица? Ако веќе сака да прима гости на планина, тогаш зошто не би се сретнале во Вејце? По средбата може заедно да ја прослават дружбата на Карпалак.
Таму да играат танго. Оти така на Груевски му сугерираше комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен. Му рекол дека за танго се потребни двајца. И ги поканил “двете страни да го играат заедничкото танго за да се воспостави неопходната комуникација”.
Ако се замеша пак ЕУ да организира забава во Македонија, тешко дека тангото ќе се игра во Шипковица, Вејце или Карпалак. Ќе ја дотуркаат пак до меѓународна конференција. Па Груевски и Ахмети ќе го играат последното танго во Париз. ЕУ ќе пушта музика, а САД ќе им го симнуваат путерот од главата. Поважно од путерот е прашањето: Кој ќе биде Марлон Брандо?
3 Извештаите од посетата на Груевски на седиштето на ЕУ во Брисел велеа дека таму добил “тотална поддршка”. Датум за почнување на преговори за членство во ЕУ не му кажале.
Груевски добил тотална поддршка. А за датумот добил дршка.
4 Ахмети побара уставни измени според кои и Владата би се избирала со Бадинтеровиот принцип.
ДУИ не влезе во Владата затоа што:
а)не знаеше да преговара со мандатарот
б)беше арогантна
в)Груевски не ги сакаше.
И – крај на приказната.
Сега Ахмети пак ќе менува устав. Од кога неговиот лична политичка неспособност и партискиот проблем на ДУИ станаа проблем на Албанците во Македонија?
5 Кога СДСМ и ЛДП си ги вработуваа жените и мажите како членови на разни управни одбори, Антикорупциската комисија велеше дека тоа е непотизам. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ непотизмот смени име. Стана – концентрација на моќ.
Што е пострашно за демократијата за која зборува Слаѓана Тасева? Кога пратеник ќе си ја вработи жената како член на Управен одбор, или кога маж и жена ќе спојат политичка и управна функција во едно семејство?
Тасева не знае. Таа се бави со демократија. Прва е во Антикорупциската, член е на Транспарентност и директор на Полициската академија. Така што самата таа не е пример за личност со концентрација на моќ. Таа има само концентрација на функции.
6 Претседателот Бранко Црвенковски заминува за САД. Јавија дека прво семејно ќе оди во Орландо, а потоа службено ќе оди на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Ако му е за Дизниленд, не мора да оди дури до Флорида. И Македонија е доволно голема, или барем исто толку смешна.
А во Њујорк мора да оди како државник. Таму ќе се сретнел со босанецот Терзиќ и црногорецот \укановиќ. Посетата ќе му биде промашена. Во Њујорк овој пат нема да се сретне со Тадиќ.