ЦИРКУС ЕВРОПА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:144:"МикиМаусиПајоПаторотјаподдржааМакедонијавоевроатлансткитеинтеграции

    1 Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски престојуваше во тродневна работна посета на Орландо, Флорида, САД при што оствари одвоени средби со Мики Маус и Пајо Паторот во четири очи, на нивно барање.
    Вака би изгледало официјалното соопштение од Кабинетот на шефот на државата кој во моментов е во Њујорк на Генералното собрание на ОН. Кабинетот редовно известува за средбите на Црвенковски во Њујорк, ама ништо не ни кажува што се случувало во Орландо, каде што е Дизниленд. Тој пред да оди во Њујорк приватно беше во Орландо.
    Веројатно од Кабинетот би соопштиле дека:
    “При средбата со Пајо Паторот Патак и Мики Маус, ПРМ Бранко Црвенковски во своето обраќање се заблагодари за поддршката што Дизниленд и ја дава на Република Македонија во напорите за достигнување стандарди за евроатлантските интеграции. Од своја страна, господата Паторот и Маус изразија уверување дека Македонија ќе опстои на реформскиот курс и истакнаа дека очекуваат соодветен третман од шефот на државата кога ќе го посети Еуродизни во Париз.
    Заеднички беше констатирано дека Македонија е лидер во регионот и фактор на стабилноста на Балканот, при што беше потенцирано дека границата со Косово треба да се одбележи пред финалниот статус на покраината.
    Претставниците на Дизниленд и на Македонија разменија мислења и за либерализацијата на визниот режим.
    Домаќините со задоволство ја прифатија поканата да остварат возвратна посета на Македонија”.

    2 Исклучително успешна е и првата посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Америка. И тој е во Њујорк. По стапките на неговата претходничка Илинка Митрева тој се среќава со битни членови на Обединетите нации од соседството – Словенија, Бугарија, Албанија, Унгарија…
    Милошоски е на почеток на мандатот. Има тој уште многу милји да прелета за да ја стигне Илинка. Допрва треба да се среќава со Сан Марино и Андора.

    3 Меѓународниот посредник во спорот меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц се сретна со македонската делегација во Њујорк. Таму беа Црвенковски, Милошоски и македонскиот преговарач Никола Димитров.
    Сите тројца заедно одвај имаат некоја година повеќе од Нимиц.
    Којзнае колку силни емоции го совладале меѓународниот посредник. Кога ги видел му се насолзиле очите од радост. Си се потсетил на внуците. Сигурно му дошло да си ги седне Никола и Антонио во скут и да им раскаже приказна од меѓународното право пред да заспијат. Додека тие ја слушале приказната, поголемиот Бранко се уште возбуден од посетата на Дизниленд и преморен од бројните државнички средби заспал на другиот тросед.
    Кој им е виновен на тие од Обединетите нации што немаат млади и талентирани кадри за преговарачи, па ни го дале Метју Нимиц.

    4 Во Унгарија премиерот прзина дека лажел за да победи на изборите и три дена имаше нереди, судири со полицијата, запалена државна телевизија, повредени и уапсени…
    ЕУ не се возбуди, како што би се возбудила кога такво нешто би се случило во Македонија. Не повика на дијалог со опозицијата. Не ги тераше танго да играат.
    Напротив. ЕУ изјави дека тоа што се случува во Унгарија е внатрешна работа.
    Кај нас кога се мешаат никогаш не велат дека “тоа е внатрешна работа на Македонија”. Веројатно затоа што никој не излегол јавно да каже дека лажел на избори.

    5 Зафатени со изборите и постизборните чекори на новата влада не ни забележавме дека Европа веќе дошла кај нас.
    Прво беше во Охрид, па во Битола, па еве сега и во Скопје. “Внимание, внимание, не пропуштајте да се запознаете со слонот, мечките, мајмуните и другите животни во циркусот Европа”.
    Европа побрза кај нас, пред циркусот Македонија да влезе во Европа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира