1 Претседателите на земјите од Југоисточна Европа се собраа во Караѓорѓево во Србија на самит за борба против тероризмот и организираниот криминал.
Убава дружба. Сите се лидери во земји во посткомунистичка транзиција. Бидејќи го решија организираниот криминал во сопствените држави, сега им остана да го решаваат глобалниот тероризам.
Што ли им кажал Бранко? Евоцирал спомени од минатото. Сигурно им рекол: “И јас така еднаш, кога им се заканив…”. И толку.
2 Додека Бранко беше во Србија, Георгиевски беше во Германија. Во Берлин се виде со Ангела Меркел. Германската канцеларка неодамна магазинот “Форбс” ја прогласи за најмоќна жена на светот.
По посетата на Берлин имаме семеен проблем во државата. Мајка му на Груевски доби сериозна конкуренција. Можеби Меркел нема три стана, ама барем зборот кај Груевски ѝ се слуша исто толку колку на мајка му.
3 Груевски го шетале низ Берлин. Гледал некои споменици.
Германците во главниот град на неколку места чуваат делови од Берлинскиот ѕид. Само што Груевски не морал да оди во Берлин за да го види ѕидот. Можел да застане пред која било амбасада во Скопје, вклучително и бугарската. Оти за Бугарија и за сите други бивши комунистички земји Берлинскиот ѕид падна во 1989 година. Тогаш на граѓаните на Македонија не им се бараа визи за да преминат од другата страна на ѕидот. Како што ѕидот паѓаше кај другите, на границите на Македонија стануваше сѐ повисок и повисок.
4 Европскиот претставник Ерван Фуере веднаш по изборите избрза да каже дека ДУИ мора да биде во власта. Ахмети се охрабри. Груевски не го послуша. И така Фуере си најде работа. Реши да ги смирува Груевски и Ахмети.
Два месеца траеше мисијата на “меѓународната” да ги спои премиерот и лидерот на ДУИ. Поради брзата уста на Фуере, сега мораме да го следиме секое нивно ракување. Затоа и пред два дена главна вест во медиумите беше дека Груевски и Ахмети се ракувале во присуство на амбасадорите. Тоа морничаво ме потсети на вестите од 2001 година. И ракувањата пред Охридскиот договор.
Пред два дена амбасадорите имаа што да јават во нивните министерства.
А ние си добивме нова приказна. Дека ни се заканува политичка криза.
Убаво е што странците му испраќаат пораки на премиерот. Инсистираат на дијалог. Само што за дијалог не е потребно само да бидат двајца. Тоа што не мислат исто, не е проблем. Не е проблем ни ракувањето. Ама би било убаво за дијалогот ако едниот од нив не се заканува со оружје.
5 И Бучковски си најде тема што не е поврзана со Рада и Бранко. Важен, важен, предупредува по телевизии дека во Македонија има сериозна политичка криза и оти тоа ќе пукне кај и да е.
Да, да… Има криза.
Има криза во СДСМ. И има криза во криминалната пресметка меѓу ДУИ и ДПА. И едните и другите не можат да си го поделат пленот.
Само, од кога партиските кризи станаа државни проблеми?
6 Премиерот Груевски на ракувањето со Ахмети доцнел 25 минути. Ништо ново. Груевски, во принцип, никогаш не доаѓа навреме.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ “Преродба во 100 чекори” не му беше предвиден првиот чекор. Да си купи точен саат.
Нека си купи. Оти тие околу него не смеат да му кажат дека времето врви.
7 На Тетовскиот универзитет се откриени стотици фалсификувани дипломи. Некои дипломите ги купувале и само со завршено основно образование.
Тоа што министерот за образование го сменил ректорот е неспоиво со автономијата на Универзитетот. Тоа е удар врз демократијата.
Но тоа што не е поведена криминална истрага за фалсификатите и никој нема да оди во затвор не е удар врз демократијата. Тоа е удар врз државата.