1 Големата зграда зад стадионот во Скопје била странска инвестиција. Инвеститорите за кои зборуваа Пенов и Аларова навистина биле многу јаки. Банкротирале една банка во Германија, а нас не чуди како кампинг одеднаш се претвори во најдолгата зграда во Македонија.
Еден од инвеститорите сега е во германски затвор. Не дај боже Германците да сакаат да ни го испорачаат. Ќе мора странскиот инвеститор да се појави на суд во Македонија. Дури тогаш ќе почувствуваме што е вистински инвестициски бум.
2 На Тетовскиот универзитет се разгоре академска расправа. Професорите толку жолчно разменувале мислења што на едниот му го скршиле носот. Среќа што тој со скршениот нос искрварил, па го однеле во болница. Така ја заклучиле расправата. Да продолжеле со наука, ќе изваделе и калашникови.
Приказната за Тетовскиот универзитет уште од кога се викаше “таканаречен” беше борба за правото на Албанците во Македонија да добијат високо образование на мајчин јазик. Да учат на јазик на кој се разбираат.
Универзитетот од “таканаречен” стана државен. Студентите учат на мајчиниот јазик. Го остварија своето право. И професорите предаваат на мајчин јазик. Го остварија своето право. Комуницираат со јазикот на кој најдобро се разбираат. Со тупаници.
3 Странските дипломати прво беа шокирани дека ректорот на Тетовскиот унивезритет бил сменет нелегално. Сега се шокираат дека професорите академски се тепале а на еден декан му е скршен носот.
Не беа шокирани што на факултетите на овој универзитет биле фалсификувани стотици дипломи. Не беа шокирани и што луѓе со основно образование добивале дипломи за завршен факултет.
Тие допрва ќе се шокираат. Кога лекарите со диплома од Тетовскиот универзитет ќе одат да работат по болниците од ЕУ.
4 Над Собранието ќе се градат уште два ката. Идејата е стара, ама спикерот Љубиша Георгиевски ја обновува.
Сега ќе се прави нов проект. Оти на новата власт не и се допаѓал проектот на Тито Петковски. А на Тито не му се допаѓал проектот на Стојан Андов.
Сега донаваме дека секој имал свој проект за Собранието. И Андов и Тито… Може имал и Лазо. Само на Темпо не му се бендисувал. Значи идејата не е нова. Само ќе има уште нови проекти. Секој проект се плаќа. Ние ќе го платиме.
Откако ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради стар театар и стар Офицерски дом во Скопје, ќе направи и уште постаро и повисоко Собрание.
За враќање на старата кула на Камениот мост и за негова реставрација уште не е дојдено времето. Ќе чекаме пак да бидеме со Турција во иста држава. Да влеземе во ЕУ.
5 Во светот се слави отварање на музеи, галерии, театри, мостови, спортски сали, стадиони… Кај нас се слави отварање на дискотека. И тоа не отварање. Туку – повторно отварање.
Зошто скопската дискотека “Хард рок” предизвика толкаво внимание? Затоа што таа не се слави како објект, туку како споменик на незавршената посткомунистичка транзиција. Демолирањето на дискотеката во 1994 година беше првиот скандал што го најави политичкото подземје. Од тогаш до денеска “Хард рок” е синоним за секој рекет.
Актерите на тогашниот скандал Лазе Китановски и Љубомир Фрчкоски не беа меѓу бројните гости на новото отварање. А Аце Циганот беше оправдано отсутен. Се уште се води дека е во странство.
Меѓу гостите беше и европретставникот Ерван Фуере. Голема среќа за Македонија е што таа вечер не даде никаква изјава. Нема политички последици и застој на евроинтегративните процеси од отварањето на дискотеката.
6. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на новинарите им соопшти: “Не сум трудна и не давам оставка”. Откако дојде на функција, не поминаа ни две недели, а од ВМРО-вските кругови излегоа гласините дека е трудна и дека поради тоа ќе си даде оставка. Ај, барем да и најдеа маана. Туку и извадија афера дека е трудна. Страшна работа.
Откога мајчинството е нешто за што треба да се правдаш? Јанкуловска не се правдаше пред јавноста. Се правдаше пред своите сопартијци. Ем млади технократи, ем со сфаќања од средниот век.
Илјадници жени секој ден докажуваат дека мајчинството не им е проблем за кариерата. На крајот на краиштата и колешката на Гордана, Габриела Коневска тоа најјавно го покажа. Дојде на работа една недела по породувањето. Зошто тогаш Јанкуловска би докажувала дека бременоста може да те спречи да бидеш министер за внатрешни работи. Ако те бива за некоја работа без деца, ќе те бива и со деца.