БИТОЛА НАПРАВИ СТУДИЈА ДА МУ СТАВИ КРАЈ НА КАБАДАЈЛУКОТ ПРИ ПРЕМИНУВАЊЕТО НА ШИРОК СОКАК КАЈ „ЕПИНАЛ“

    БИТОЛА НАПРАВИ СТУДИЈА ДА МУ СТАВИ КРАЈ НА КАБАДАЈЛУКОТ ПРИ ПРЕМИНУВАЊЕТО НА ШИРОК СОКАК КАЈ „ЕПИНАЛ“Дизајнираниот пешачки премин исцртан за пешаците побезбедно да минуваат. (Фото: СДК.МК)

    Една од најфреквентните сообраќајници во Битола која го кочи сообраќајот, делот од улицата Димитар Илиевски-Мурато што минува кај хотел „Епинал“, односно го сече Широк Сокак, ќе стане пешачка зона и во иднина нема да минуваат возила. Ова се предлага со сообраќајната студија и идејниот сообраќаен проект што денес ги усвои Советот на Општина Битола, а се однесуваат на централното градско јадро.

    Токму оваа делница е показател на кабадајлукот во Битола. Семафор не е поставен, а возилата чекаат да поминат пешаците кои се шетаат низ Широк Сокак и ги пропуштаат еден по еден, па се создава долга колона возила и сообраќајот се одвива тргни-застани. Воедно, и голем дел од битолчани со возилата секојдневно минуваат од таму, дел поради потреба, но и оние кои се шетаат или одат на кафе, па бараат паркинг што е можно поблиску до кафулето. Теренската анализа покажа дека дури 50 проценти од дневниот проток се автомобили кои транзитираат.

    „Помалку од 50 проценти од возилата се на резидентни жители на централното подрачје и ја користат таа улична мрежа за да пристапат до дома. Во оние 50 проценти покрај резидентното население спаѓаат и оние кои одат со автомобили на Широк Сокак за изведување на одредени работни задачи, прошетки и слично. Останатите 50 проценти се транзит кои поминуваат низ градот, а целта на патување не им е центарот на градот“, рече Дарко Спасеновски од експертскиот тим на студијата.

    Студијата чиј инвеститор е Општина Битола преку проекти ќе треба да се спроведе во следните десет до 20 години. Таа содржи две варијанти. Во првата предвидени се трансформација на паркиралиштето пред Центарот за култура во плоштад, сообраќај на улица Виенска само за жителите и посетители со сместувачки капацитети, затворање за сообраќај на моторни возила на дел од улицата Пеце Матичевски и Димитар Илиевски-Мурато на потег од влез за хотел Епинал до зграда на поранешна ЈАТ и трансформација во пешачка зона и други измени.

    Во втората заријанта е запазена првата само со дополнувања. Таа содржи и воведување на еднонасочен сообраќај на улици во делот кај Митрополијата и Пиварата, контра велосипедски ленти на улици со еднонасочен сообраќај, затворање за сообраќај на потег од улица Јорго Османо до булевар Први Мај и трансформација во пешачка зона, односно спојување со Широк Сокак. Отстранување на уличното зонско паркирање на улиците Цар Самуил и Борка Левата. Ќе има и трансформација во пешачка зона на кракот кај училиштето Кирил и Методиј до крстосница со улица Никола Тесла.

    „Заложбата во сообраќајната студија ни беше да обезбедиме најголем простор за пешаците, па за велосипедистите, јавниот превоз, па потоа сè останато. Се потрудивме да добиеме еден урбан град кој ќе го подобри квалитетот на живот, ќе го намали загадувањето во централното градско подрачје и ќе биде основа за понатамошен развој на градот“, рече Спасеновски.

    Славчо Димовски, исто така експерт вклучен во проектот рече дека деталните и генералните урбанистички планови во Битола се стари, а и плус има промени во законската регулатива со староградско јадро па имаат потешкотии при планирањето и реализирањето на било кои идеи.

    „Со сообраќајната студија се даваат насоки , тие не се решенија кои се спроведуваат утре, туку се насоки кои треба да се разработат со законски предвидени проекти“, рече Димовски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира