Долгометражниот документарен филм „Тело“, копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија во режија на словенечката режисерка Петра Селишкар која е и селекторка на фестивалот МакеДокс, доби поддршка меѓу 17-те филмови на последната сесија на Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела-Еуримаж која се одржа од 7-11 декември. Македонски копродуцент е „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран но продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.
„Годинава Еуримаж финансиски подржа четири филмски проекти во кои свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно, поддршка добија проектите ‘Преекспонирано’ во режија на Елеонора Венинова, ‘Зад стоговите сено’, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (‘Сектор филм’ од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, ‘Мојата мајка е космонаут’ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент ‘Дрим фектори’ од Скопје и на последнава сесија ‘Тело’, словенечко-хрватско-македонска копродукција“, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Еуримаж.
Пепељугоска додава дека поддршката од Еуримаж не само што е важна за финансискиот аспект на филмските буџети, туку тоа претставува и дополнителна можност и перспектива за циркулација на проектите во другите европски држави.
Од основањето во 1989 до денес, Еуримаж поддржал 2.136 копродукциски проекти со вкупен буџет од 619 милиони евра.
Б. НЕСТОРОСКА