Министерството за внатрешни работи вели дека нема потреба од софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил лани поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за 81.000 евра.
Софтверот, како што објави „360 Степени“, и по осум месеци откако е испорачан, не е во функција, а според Рашковски, треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР наводно планирало да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор.
Но, од МВР се оградуваат од мешање на надворешни лица и органи во набавка на опрема за санкционирање граѓани, што си е надлежност на министерството, а велат и дека системот „Безбеден град“ не може да се користи за санкционирање на сообраќајни прекршоци и токму поради тоа работат на нов проект со камери за оваа намена.
Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека „има докази оти имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР, токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на системот”.
Значи, има траги само дека е зборувано за имплементација, а не и дека некој побарал од Рашковски да набавува софтвер.
Наспроти Заев, во врска со софтверот на Рашковски, од МВР велат дека тој софтвер не е дел од системот на МВР и поради тоа нема потреба од координации, меѓутоа можно е да е координирано со други државни органи имајќи предвид дека одредени надлежности за оваа проблематика имаат и други државни институции.
„Напоменуваме дека системот ‘безбеден град’ не може да се користи за санкционирање на сообраќајни прекршоци и токму поради тоа работиме на нов проект за оваа намена. Сега ‘безбеден град’ се користи во насока на расчистување на различни кривични дела, односно како помош во соодветната истрага”, се дистанцираат од МВР и додаваат:
„Во рамки на МВР е формирана работна група која работи на проект за воведување на санкционирање на сообраќајни прекршоци преку камери, со што значително би се подигнала безбедноста во сообраќајот. Овие камери е планирано да бидат поставени на улиците во градовите, но и на автопатиштата и пофреквентните патишта. Со тоа би се олеснила работата на сообраќајната полиција, односно би се елиминирала опасноста од несакани последици, како што имавме за жал случаи, кога животот го изгубија припадници на сообраќајната полиција, а исто така имавме и случаи на тешки повреди. Овој проект се уште се работи и кога ќе бидат затворени сите отворени прашања и завршени сите активности соодветно ќе ја известиме јавноста”.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во чие време бил набавен софтверот, синоќа на Фејсбук напиша дека додека ја извршувал функцијата, во ниту еден момент не бил информиран дека Генералниот секретаријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак била побарана од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер. Тоа е проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции, напоменува тој.
„Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер. Ниту тогашниот премиер, ниту генералниот секретар или било кој друг не ме информирале дека ваков софтвер е набавен. Не ми е јасно зошто Генералниот секретаријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека МВР, раководено од тогашниот министер Оливер Спасовски, во истиот период спроведуваше постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот ‘Безбеден град’, што вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на ‘Безбеден град’ со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија”, напиша Чулев.
С. К. ДЕЛЕВСКА