„СКРИЕНИ ЖЕЛБИ, НЕМИРНИ ПАТУВАЊА“ НА ЈАНКОВСКИ Е РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2020

    „СКРИЕНИ ЖЕЛБИ, НЕМИРНИ ПАТУВАЊА“ НА ЈАНКОВСКИ Е РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2020„Добрата литература во навидум црно-белата поставеност на нештата се обидува да ја даде нијансата на различност“, вели Јанковски. (Фото: С. Димоски)

    „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е Роман на годината за 2020, соопшти денес Фондацијата „Славко Јаневски“. Наградата се доделува по 22. пат, а издавач на наградениот роман е „Антолог“ од Скопје. За лауреатот одлучи жири-комисијата во состав Оливера Николова (претседателка и лански лауреат), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева.

    „Би сакал да ѝ се заблагодарам на Фондацијата за целиот ангажман, зашто со сите активности поврзани со оваа награда успеваат да ја зголемат видливоста на романескната продукција во време кога литературата не е доволно застапена во јавната сфера. Ова особено важи за телевизиите, кои секојдневно нѐ бомбардираат со приказни за ‘исто за истото’, на кои под изговорот дека станува збор за важни теми за нашиот живот, постојано слушаме исти варијации на теми кои служат само за стерилни пресметки на политичките елити. Добрата литература се обидува да го направи спротивното. Таа во навидум црно-белата поставеност на нештата се обидува да ја даде нијансата на различност, да го постави животот надвор од поедноставувањето и стереотипот“, рече денеска Јанковски.

    Според него, дел од романите кои беа во конкуренцијата за „Роман на година“ го прават токму тоа, ја истражуваат сложеноста на животот, укажувајќи на неговата суштинска амбивалентност, противречност и нијансираност. Затоа, вели тој, заслужуваат многу поголемо внимание од „црно-белата слика што медиумите секојдневно ја претставуваат како наша реалност“.

    Годинава конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг беа и  „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или-или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

    Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари.

    Книгата на Јанковски е национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“. Поради пандемијата на ковид-19, свеченоста ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира