Унгарскиот режисер Бела Тар, кој важи за револуционер на современиот филм ќе одржи мастерклас во Скопје, на 20. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс. Отворањето на фестивалот е со музичката драма „Анет“ на Леос Каракс, филм со кој пред 3 дена се отвори Канскиот фестивал, а затворањето е со „Човечко срце“ на Педро Алмодовар.
Програмата за јубилејното издание кое ќе се одржи од 15 до 21 јули со над 40 филмови, денеска ја претставија координаторката на фестивалот Маргарита Арсова, програмскиот директор Филип Николовски и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Слоганот е „Филм фактор 20“, а филмовите ќе се прикажуваат на локации покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, МКЦ, Градскиот парк, паркот Ибни Пајко.
Селектор е Бернд Будер, а филмовите се распоредени во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, СЕЕ програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјуик.
„На фестивалот публиката ќе има можност да ги погледне најновите остварувања на Јасмила Жбаниќ, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален. Билетите ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од поп-ап кино кои се бесплатни. Билетите може да се купат онлајн, преку билети.мкц.мк (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на овие локации“, најавува Синедејс.
Б. НЕСТОРОСКА