Болните кои го користат лекот „синтром 4“ од канадската компанија „Мерус Лабс“ веќе два месеца не можат да го набават поради тоа што не е увезен, а директорката на Бирото за лекови Марија Дарковска, која го потпишала решението за увоз на 5.000 кутии од лекот, вели дека е во странство да брани докторска теза и не може да се посвети на други прашања.
„Јас лично го потпишав решението за увоз на овој лек. Не знам зошто го нема. Сега сум во странство, ќе ја бранам докторската теза и не можам да се посветам на други прашања, затоа што ова за мене е најбитно“, изјави Дарковска за агенцијата „Мета“.
Таа посочува дека проблемот можеби е во тоа што овој лек повеќе не е на „Новартис“, туку го купил друг производител, со што скопското претставништво на швајцарската компанија ги нема расчистено односите за пренос на правата со новиот увозник „Европа лек“. Имено, од февруари годинава лекот „синтром 4“, кој беше производ на швајцарската компанија „Новартис“ (NOVARTIS Pharma Services inc.), го купи канадската фирма „Мерус лабс“. Претходно лекот го увезуваше македонското претставништво на оваа фирма.
Од „Европа лек“, која сега е увозник на лекот „синтром 4“, за Мета изјавиле дека од Бирото за лекови побарале дозвола за увоз на 25.000 кутии, но Комисијата за одобрување им дозволила и им дала решение за само 5.000 пакетчиња.
„Ние побаравме повеќе, но Бирото за лекови ни одобри само 5.000 кутии. Од фирмата што го произведува лекот ни рекоа дека неисплатливо им е да ни произведат само толку парчиња и ни побараа повеќе. Сега испративме ново барање до Бирото и чекаме одобрување за да можеме да увеземе“, вели Моника Наумовска, раководител на регулатива во „Европа лек“.
Сепак, таа вели дека лекот ќе го нема оваа година затоа што количествата со англиско упатство повеќе ги нема, а за компанијата да испечати парчиња на македонски јазик потребно ѝ е време.
„Годинава најверојатно ќе заврши без овој лек. Се надеваме дека, доколку Бирото за лекови побрза со решението, „синтром 4“ ќе го има во аптеките во февруари следната година“, додаде Наумовска.
Низ скопските аптеки и во сите поголеми фармацевтски продажни места овој лек го нема повеќе од два месеци. Овој лек го пијат пациенти со срцеви проблеми (операции, аритмии), пациенти со прележани мозочни и срцеви удари и со тромбози.