СЕ ЗАТВОРА ПОПУЛАРНАТА КНИЖАРНИЦА „ТАБЕРНАКУЛ“

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СЕ ЗАТВОРА ПОПУЛАРНАТА КНИЖАРНИЦА „ТАБЕРНАКУЛ“

    По 17 години, популарната книжарница „Табернакул“ на Рекорд, до Театарот за деца и младинци, од утре се затвора. На овој непопуларен чекор се одлучи издавачката куќа „Табернакул“, која е првиот приватен издавач во земјава, формиран пред нејзиното осамостојување, во 1989 година.

    „Знаеме дека е ова тажна вест, особено за нашите лојални читатели и пријатели со кои ќе памтиме многу незаборавни моменти низ изминативе години поминати во книжарницата, но по долго размислување, сепак одлучивме дека веќе е невозможно за нас да одиме против економската логика. Долго време, на некој начин ја субвенциониравме книжарницита која немаше профит што ќе ги покрие трошоците, вклучувајќи ја и киријата. Просторот е на Министерството за култура. Оттаму, по пазарни услови беше формирана и закупнината што ни стана претешко за покривање, и договорот беше раскинат. Овој момент одлучивме да го сфатиме како мотивирачка можност за нови идеи, нова свежина што би ја понудиле во иднина“, вели Главниот уредник Ванчо Каранфилов.

    Тој додава дека „Табернакул“ секогаш бил против рутината, против стереотипите и дека е ова вистинскиот момент да се ресетираат за да одлучат како понатаму со сегментот на продажба и пласман на книгите.

    Како што стои на нивниот Фејсбук профил, изданијата на „Табернакул“ ќе се купуваат како и досега, онјлајн на купикнига мк, и во мрежата на книжарници кои ги имаат правата за продажба на нивните изданија.

    Културната јавност се сеќава дека „Табернакул“ беа секогаш пионери во книжарската дејност, па беа и првите кои ја отворија својата книжарница во тогашниот Македонски народен театар, во 1991 година, каде што е денешната Билетарница на МОБ, и каде што на неформален начин, со дискусии, дружби и широко прифатени промоции долго се дебатираше за општествените текови. Оваа книжарница на популарниот Рекорд беше отворена во 1999 година, со голема помпа и радост. Беше свечен момент за издаваштвото, но и за поширокиот културен контекст зашто „Табернекул“ е еден од домашните издавачи кои постави високи стандарди за добра литература, одбрани автори од сите сфери на животот, растечката и слободна критична мисла.

    Издавачот објавува дека нивниот телефонскиот број 3133 058 и имејл адресата [email protected] ќе бидат во функција и понатаму за сите барања и информации на своите верни читатели, на кои им се бескрајно благодарни за поддршката низ сите овие години.

    Просторот во кој е сместена книжарницата „Табернакул“ е во сопственост на Министерството за култура, од каде денеска не добивме одговор што ќе се случи со просторот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира