Не постојат документи со кои би се поткрепиле тврдењата на директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, дека постои договор со кој се докажува кои службени возила од Агенцијата се ставаат на располагање на Министерството за труд и социјална политика, изјави министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски.
Агенцијата за вработување вчера соопшти дека во октомври, 2015 година склучила Договор со Министерството за труд и социјална политика, согласно кој му отстапува расположливи технички средства, меѓу кои и расположливи службени возила, освен возила кои се донација од ЕУ, за користење и управување со овие возила на Агенцијата, а директорот Попоски издал и соодветни овластувања.
“Од интерес за угледот на Министерството за труд и социјална политика и на Агенцијата за вработување, и за спречување секаков обид за прикривање и уништување на службена документација во институциите, дополнителниот заменик Диме Спасов и директорот Влатко Поповски да ја преземат одговорноста за нивното неодговорно и несовесно работење и да се повлечат од функциите“, рече министерката Фросина Ременски.
Ташевска Ременски најави и кривични пријави за Поповски и дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов. Според неа, Правилникот на АВРМ не дава можност тој да дал овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.
“Минатата година во септември се склучени договорите со кои се извршуваат одлуките на Владата за отстапување на четири возила од Министерството на Агенцијата за вработување. Доколку постоел некаков докумет кој е склучен после овие договори тогаш службите во министерството ќе ги имале тие документи“,потенцираше Ременски. “Како дополнување, ниту Поповски ниту Спасов не може да отуѓуваат движни и недвижни ствари без одлука на Влада. Затоа, и да се појави сега некој документ, тоа би значело дека тој е антедатиран и неважечки, бидејќи не поминал на седница на Влада“, рече Ременски.