МОЈА ФАСАДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:75:"ДружеТитосамопиши,радиќемоипокиши...

    1. Со само една реченица архитектот на зградата на Владата Петар Муличкоски ја отслика општата состојба во државата. Кога Владата објави дека фасадата на неговата зграда ќе ја обложи со барок и ќе го уништи неговото авторско дело, тој рече: “Немам пари, а немам ни сила да ја тужам Владата”.
    Го разбирам човекот. Има осумдесет години, професионално се докажал, неговите дела се наградувани и гледа да си го истера пензионерскиот живот со што помалку стресови за да го држи здравјето. Нема пари, а нема ни сила.
    Но, каде е стручната јавност? Каде се некорумпираните архитекти? Каде е опозицијата? Каде е Здружението на архитекти? Се прашуваат ли овие што сега се јавуваат на конкурсите за да го уништуваат делото на нивните претходници, како би се чувствувале тие некој во иднина да го поништи нивното дело. На пример, Триумфалната порта да ја обложи со огледала затоа што едноставно ваква каква што е не му се допаѓа. Или целата барокна пластика од фасадите на “Скопје 2014” да ја покрие со стаклени и метални елементи?
    Конечно, каде е јавниот обвинител да покрене постапка за кршење на Законот за авторски права? За разлика од архитектот Муличкоски тој има пари, моќ, а богами и должност да го стори тоа.
    Тоа што се направија нови згради, божем барокни или во неокласичен стил, се направија. Зградите се нови. Некому му се допаѓаат, некому не. За вкусови не се расправа.
    Ама со менувањето на фасадите на постојните згради веќе не зборуваме за вкусови. Зборуваме за кршење закон. И тоа во име на што? Во име на тоа што зградите што веќе постојат не се совпаѓаат со нечиј вкус. Не биле убави. Кој го вели тоа? Па законот не зависи од мојот или од твојот вкус.
    Ова веќе ме плаши. Оти апла личи на одмазда на исфрустрирани архитекти и разуздана власт. Што ако и следната власт што ќе дојде, прва работа за која ќе се зафати ќе $ биде да ги менува фасадите? Оти може нема да им се допаѓа ова што го гради Груевски. Па следните 20 години како што ќе се менуваат владите, ќе си се одмаздуват со менување фасади. Мојата фасада наспроти твојата фасада.
    А ние ќе си молчиме. Немаме пари и немаме сила. Ќе си седиме и ќе си гледаме сеир. Се сведовме на голо преживување и тоа претставува оправдување за се.
    И чекаме. Дваесет години чекаме да го допреме дното. А дното е постојано уште подлабоко.

    2. Новите фасади треба и да се осветлуваат. Кажаа дека за осветлување на фасадата над ресторанот Пелистер ќе се потрошат 100.000 евра. Бадијала. Пари ли се тоа? Кој уште се занимава со толку ситни суми? Што се 100.000 евра во однос на 4 милиони евра за Портата Македонија? Или за 12-те милиони за Александар – воинот на коњ. Ние изгубивме чувство за пари.
    Да станува збор за некоја фасада во Виена, или во Минхен, и да имаш плата од некои 3.000-4.000 евра, па да си седиш во кафеаната под фасадата и за вечера со семејството да платиш 200-300 евра, може 100.000 евра за светла за фасада нема да ти звучат страшно. Оти, со таков стандард, веројатно тоа е разумна сума за светла. Не се сомневам дека добро осветлување толку чини.
    Само во оваа земја во која просечната плата е 350 евра, може да се пофалиш дека светла за само една фасада ќе чинат 100.000 евра и тоа ќе ти помине незабележано.
    Колку за споредба, со таа плата треба да работиш дваесет и пет години за да ставиш светла на фасада само на една зграда.

    3. Секој ден гледам утринска програма и секој ден откривам во кој град има проблеми со водоснабдувањето. Не било само во Прилеп. И во Крушево има рестрикции на вода. Претпоставувам и во Кичево, оти се на истиот извор. Кумановци и онака си полнат вода од Кумановска бања кога немаат вода. Тетово постојано е под рестрикции. Пред некој ден се зачудив дека и Кавадарци има проблем со водата.
    Новата управна зграда на Водоводот во Скопје ќе чини 10 милиони евра. Што ќе ти е вода секој ден кога имаш оригинал барок?

    4. Обично валканиците се покриваат кога ќе падне снег. Само кај нас валканиците уште повеќе излегоа. И не потсетија каде живееме.
    Прво се скараа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ затоа што градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој е од СДСМ, ги затвори училиштата поради снегот и студеното време, а ВМРО-вците се пожалија дека немаат што да им прават на децата додека не одат на училиште. После Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ организираше чистење на центарот на Скопје и на телевизија даваа изјави дека им помагаат на постарите сограѓани. Социјалдемократската младина пак организираше чистење на снегот во Општина Аеродром за да му покажат на градоначалникот Ивица Коневски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, како се чисти.
    Станува тешко да се следи текстов, нели? А да ги прашаш и едните и другите дали си ги исчистиле тротоарите пред сопствените згради, речиси сум сигурен дека не чистеле. Оти, да чистиш пред домот е граѓанска обврска. Ама ако си во партија, мора да чистиш пред камери оти тоа е партиска обврска.
    Никола, ти само СМС прати, ние се фаќаме за лопати.
    Бранко, најави уште една пролет жешка, и зимата веднаш не е толку тешка.
    Друже Тито само пиши, радиќемо и по киши.
    Е тоа е Македонија. Дури ни снег не може да се исчисти ако не дојде наредба од партијата.

    5. Германската телевизија ЗДФ правела анкета дали Грција е сериозна кога вели дека ќе штеди. Приближно две третини од Германците (66 отсто) изјавиле дека се сомневаат оти Грција навистина сака да штеди.
    Ме интересира што мислела таа третина од испитаниците кога рекле дека Грците сериозно мислат да штедат. Кај им бил умот?
    Две години Грција преговара како ќе штеди и ЕУ ја спасува. А нам, за името, ни викаат, седнете сами и договорете се. Тие за пари не можат да се договорат, а ние со нив треба и без пари да се договориме.
    Решение за името има. Ќе ни го каже ЕУ кога ќе се договори со Грција за долгот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира