Зборникот од Блаже Конески „За македонскиот јазик“, преведен на унгарски јазик „A macedón nyelvről“, беше промовиран деновиве на Институтот за славистика и балтичка филологија, во чест на 100-годишнината од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик.
Книгата претставува избор од научни текстови од Конески кои се однесуваат на македонскиот јазик и неговата стандардизација, додадена е и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков и е илустрирана со фотографии.
Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, а преводот на унгарски е на Анамарија Цинеге-Панзова.
Зборникот излезе во престижната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae slavicae)“ на Катедрата за славистика при Универзитетот ЕЛТЕ. Иницијатори за реализација на овој проект се Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Институтот за славистика и балтичка филологија, Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – ТЕЛЕДОМ од Скопје, со пари од Министерството за култура на Македонија.
Според Панзов, со Зборникот, унгарската публика ќе се запознае со развојот и кодификацијата на македонскиот јазик и ќе претставува појдовна основа за запознавање на студентите на ЕЛТЕ со проблематиката која се однесува на нашиот јазик.
„Во период на негирање на македонскиот јазик, ваквите изданија се повеќе од потребни за претставување на нашата страна од приказната“, кажа Панзов.
Зборникот го промовираше проф. д-р Звонко Танески, македонист кој работи на Универзитетот „Комениус“ во Братислава, кој меѓудругото кажа дека дека во Зборникот се наоѓаат и најважните текстови од Конески, секако и најважниот текст од Мисирков, посветени, во прв ред, на споменатиот феномен на стандардизација на јазикот.