1. ВМРО-ДПМНЕ и ДА денеска ќе ги разгледаат ефектите од досегашното 100 дневно владеење. Бидејќи најголем дел од времето поминаа во делење функционерски и директорски места, најверојатно, ќе анализираат што сработиле. Тоа значи дека ќе се осврнат на резултатите од поделбите.
Меѓутоа, не смеат да се залажуваат со досегашните резултати. Бидејќи успехот не завршува тука. Има уште многу за делење. Пред еден месец, Циле ни зборуваше за некоја британска рафинерија во Гевгелија. Сега Љубчо зборува за грчка рафинерија во Скопје. Лидерите на коалицијата “За промени” толку ревносно се зафатиле со поделбата, така што, сега, освен власта, ќе почнат да ги делат и објектите во државата. Така и треба. Ако веќе ВМРО-ДПМНЕ си има своја рафинерија, редно е, според партискиот договор, ДА да си има друга.
2. И така, во оваа држава секој си прави што си сака. Додека Министерството за надворешни работи го убедува НАТО дека сега е вистинскиот момент да му се приближиме, началникот на генералштабот Трајче Крстевски, се кара со НАТО и им раскажува приказни дека кај нас небаре е распад на системот. Не треба да се чудиме на изјавите на генералот Крстевски. Човекот цел живот имал концепција дека НАТО ни е непријател и сега е збунет. Како сега да бара координација со офицерите за кои го учеле дека треба да се бори против нив.
Остриот тон на генералот кон НАТО само уште еднаш докажува дека ова е релаксирана држава. МНР вели едно, Генералштабот на АРМ друго, а министерот за одбрана е зафатен со броењето тенкови во Бугарија. Нема смисла да го вознемируваме професорот Кљусев со вакви ситни проблеми. Може да се деконцентрира, па да утне во броењето.
3. Само МВР има прецизен механизам во броењето и тука нема утка. Си испратија културно луѓето апел до бегалците од Косово да им се пријавуваат и сега ќе ги чекаат резултатите. Што има тие да бројат, кога луѓето сами ќе им се пријавуваат. А и да не се пријави некој – голема работа, што се неколку илјади луѓе од друга држава помалку или повеќе, кога веќе толку странци ни се врткаат низ државата.
Кој вели дека државата не го контролира влезот на косовските бегалци во Македонија? Ете, таксистите ги чекаат на илегални премини. А нив ги организирала ДПА. А ДПА е од власта. Значи, власта, сепак контролира.
Добро е што власта има контрола врз ситуацијата, макар и врз бројот на такси возилата на илегалните премини. Кога не би имала, којзнае што сé може да ни влезе во државата. Може да ни се случи сосе бегалците да ни влезат и борци на ОВК. И, што правиме ако борците на ОВК не го послушаат апелот на МВР и не се пријават. Ако се такви неодговорни, тие сигурно нема да сакаат да се координираат и со генералот Трајче Крстевски. Единствена утеха е што покрај толку униформи, и униформите на ОВК нема никој да ги забележи. Каде промаршираа толку војски низ Македонија, нека промаршираат и борците на ОВК.
4. Ако НАТО војниците поседат уште некое време кај нас, тоа може да биде поразно за дисциплината во земјите од каде што доаѓаат војниците. Ќе ги расипеме. И што повеќе седат, стануваат порасипани. Видоа дека тука може секој да прави што сака и почнаа да се однесуваат како нас. Паркираат на тревници, возат по тротоари… Еве почнаа да се тепаат и по кафеани. Бидејќи сите се со различен етнички состав, успешно се вклопуваат во меѓуетничката релаксација. Ако наскоро не ја напуштат Македонија, НАТО ќе биде сериозно ослабен.
Кога ќе се сфати опасноста од натамошното присуство на војници од различни земји во Македонија, јасно е зошто сите нестрпливо ги чекаат Американците. Турците уште ги чувствуваат културните последици од петвековното присуство на нивна војска на овие простори. Американските маринци треба да го спасат НАТО од лошото влијание на македонската средина врз неговите војници.
5. Во ептен релаксирана атмосфера, и Васил Тупурковски се сретна со министерот за надворешни работи на Грција Јорго Папандреу. Толку беше релаксиран што пред кафеаната спроти грчката канцеларија за врски, го пречека гостинот со завратени ракави од блузата. Сиромашкиот Папандреу, за да се вклопи во средината, мораше да го соблече палтото. Да поседеше уште малку, ќе ја симнеше и вратоврската.
Во таа кафеана обично седат луѓето што чекаат грчка виза. Лета, обично пред кафеаната и преспиваат. Велат дека Циле тогаш фаќал врски кај Јорго за виза, бидејќи тој ден канцеларијата за врски не издаваше визи. Штета. Ако на денот на посетата на Папандреу одделот за визи работеше како и секој друг ден, министерот за надворешни работи ќе можеше на самото место да се увери како Грција го промовира нашето влегување во Европа.
6. Претседателот Киро Глигоров конечно се насмеа, и покрај тоа што два дена по ред мораше да се ракува со министерот за надворешни работи Александар Димитров. Тајната на насмевката на лицето на претседателот е во Надежда. Тамам си оставил една Нада дома, друга Нада те чека во канцеларија. Надежда му ја врати надежта на разочараниот претседател.
А министерот Димитров пак ја оплеска. Сите надежи дека ќе се поправи ни беа во Надежда, ама, дефинитивно не го бидува. Сите чекавме малку поблизок однос, па да пушти раче лево-десно, па една фина романтична, релаксирана атмосфера, а тој уште од аеродром почна да бега од неа. Ни целувка ни милувка.
Ех, да беше Ханџо на негово место…
7. Жените во Македонија го прославија Осми март ангажирано. Албанките се собраа на митинг на плоштадот во Тетово. Македонките се качија на масите во кафеаните и играа.