1. Сите дигнаа раце од нас. Не може ни да ни се стемни како што треба. Дури ни сонцето не сака да нé замрачи како што ги замрачува другите. По што се поарни од нас Романците и Унгарците, па кај нив месечината целосно го покри сонцето?
Дента кога настапи затемнувањето, граѓаните на Македонија се скрија. Додека насекаде низ Европа на сонцето му палеа огнови, организираа концерти, се возеа со авиони, ние си се скривме зад завесите како што ни рече Владата. Среќа што тие денови не ни се појави министерот за одбрана Никола Кљусев. Веднаш ќе ја прочитавме пораката дека треба да ги исчистиме засолништата. Вака, се задоволивме само со седење дома и гледање во подот. Со наведнати глави. Како што ни прилега. Наведната глава сонце не ја пече.
Не дека ние повеќе си ја слушаме Владата отколку Британците, туку имаме подолго паметење. Кога министерот за здравство Драган Даниловски ни рече: “Седете си дома и не гледајте во сонцето!”, ни проработи генетската меморија. Зар да завршиме како Самуиловите слепци?
А што ли се исплашивме толку од мракот, кога и онака бел ден не сме виделе.
Да направеше Македонската телевизија анкета меѓу граѓаните како ќе ја дочекаат пропаста на светот, сигурно најголемиот број анкетирани ќе одговореа: “Дома, во кругот на семејството, со скромна трпеза”. Ете што ти се традиционални вредности на македонското семејство. Еднаш слепец – секогаш слепец.
2. Зошто, пак, кај нас да биде тотален мрак? Не сме ние Романија.
3. Традиционално, баш кога ни се стемнуваше, Циле и Џафери пак фатија џаде. За Турција. Не дека бегаат кога ни е најтешко, туку дека се емотивни – не можат да поднесат да гледаат како им седи народот затворен во темница.
Сега, кога ја преживеавме и пропаста на светот, можеме повторно да им се вратиме на нашите редовни активности. Доаѓаат избори. На народот треба да му се пушти вода. Не сонцето, туку водата е клучниот елемент кој дава движечка сила во изборниот процес.
Водата има повеќекратно значење. Вода се истура за среќа – да појде работата. Ама, водата носи сé, па со неа се чистат и валканите работи.
Можеби токму затоа, нашите политичари сакаат на народот да му пуштаат вода. За време на минатите избори, тогашниот премиер Бранко Црвенковски пушташе селски чешмички. Сега Васил Тупурковски пушта селски водоводи. Тогаш на Бранко му помагаше американскиот амбасадор. Сега на Циле му помага тајванскиот премиер.
Бранко го однесе водата… Циле е малку покрупен за носење, па вода од чешма тешко ќе го придвижи. Му треба поголем притисок. Затоа тој си гради водоводи.
За волја на вистината, ако нешто навистина функционира во државата, тогаш тоа се чешмите. Сé друго е гола вода.
4. Претседателот на државата Киро Глигоров не е водоинсталатер, ама покажува интерес кон изборните активности. Одеднаш повторно се здружија со Стојан Андов, а одвреме – навреме, велат дека во кабинет му се појавувале и Никола Кљусев и Борис Трајковски. Во недостиг на претседатели од странство, шефот на државата мора да прима кандидати за претседател од дома.
Можеби во посетите кај претседателот лежи одговорот на прашањето: “Зошто СДСМ сé уште чека со истакнувањето на свој кандидат?” Веројатно го чека исходот од разговорите на Глигоров со кандидатите на опозицијата. И што е лошо ако некој од опозиционерите деновиве се видел со Бранко? Бидејќи СДСМ, од Киро па наваму, нема ништо инвестирано, Бранко сигурно бара некоја нова најдобра инвестиција.
5. Демократската алтернатива бара коалицијата да излезе со еден кандидат. Коалицијата најверојатно, ќе оди со двајца кандидати. И на крајот, Владата ќе добие стап. Освен ако Љубчо и Циле не се договорат да го кандидираат Џафери.
6. Во изминатите две години, секогаш по враќањето од одмор, на ова место пишував за безобразното и простачко ограбување на македонските државјани и на странците на граничните премини каде што нашите сé уште наплаќаат по пет марки за шап и лигавка. Како во најнецивилизирана држава од типот на бившиот источен блок, која не знае како да ти ги собере парите, па ти вели: “Дај пет марки, да не те мислам после”, граничните премини на државата сé уште нé потсетуваат на времето кога одевме да шверцуваме кашкавал од Бугарија и со ситни марки чекавме да ни се појави некој државен службеник од шумата зад Деве Баир за да го поткупиме.
Шап и лигавка одамна нема.
И старата власт ја нема.
Новата власт многу убаво зборува за отворени граници со европски изглед. Ама никако да ги тргне тие пет марки за пустите шап и лигавка. Ако не сака да се откаже од марките, нека најде барем некое посовремено оправдание. Еве, на пример: “Пет долари за набавка на очила за набљудување на следното затемнување на сонцето”. Ехе, хе до 2135 година, колку влади ќе си имаат добро оправдание за глупите пет марки.