Синдикатот на македонската дипломатска служба алармира дека процесот на пријавување на нашите граѓани кои живеат во странство за претстојните парламентарни избори, повторно е спроведен преку истите манипулации, со ист систем и исти актери како и за време на изборите во 2014 година. Како пример, од СМДС ги наведува неодамнешните случувања во Париз кои, според СМДС, поседуваат елементи на поттикнување верска и расна омраза, а за што биле известени од припадниците на нашата дијаспора во Франција.
„Упатениот ‘повик’ од еден државен службеник вработен во Министерството за култура во кој главен ‘аргумент’ за пријавување на нашите граѓани од дијаспората за претстојните парламентарни избори, па уште и каде се истакнува дека ‘Излезноста на овие избори е многу значајна од причина што од тоа зависи дали пратеник од дијаспората ќе имаме Македонец или Албанец’, е во најмала мера скандалозен и содржи јасни елементи на поттикнување верска и расна омраза и дискриминација“, соопштија од СМДС, коментирајќи ја објавата на Фејсбук на Дарко Стефановски, државен службеник во Министерството за култура.
Според сознанијата на Синдикатот, државниот службеник Стефановски „како партиски емисар престојувал во Франција и за време на пријавувањето на за гласање за изборите во 2014, за што сведочат и неговите фотографии од средби одржани во март 2014 со нашите граѓани од Руан“.
„За разлика од 2014 г., овој пат вратите на Амбасадата на Република Македонија во Париз му биле “ширум” отворени, а одделни вработени во Амбасадата му овозможиле сесрдна логистичка поддршка, меѓу другото и користење на службените фиксни телефони на Амбасадата, а со цел прибавување што поголем број пријави до крајниот рок. Ваквото овозможување и користење на Амбасадата, претставува драстичен пример за злоупотреба на нашата дипломатија во партиски цели“, велат од СМДС.
Оттаму обвинуваат и дека на одржаната литургија во Црквата Св. Кирил и Методиј во Париз, според нивните сознанија, присуствувале еден претставник од нашата Амбасада во Париз и економскиот промотор, заедно со партиски тим.
„Ваквото присуство на Амбасадата и економскиот промотор на еден верски обред во верски објект кој бил искористен за пријавување на изборите, е исто така скандалозен, а преставува очигледен пример на партиско – црковно неодвојување од државата“, забележуваат од Синдикатот на македонската дипломатска служба и додаваат дека се сомневаат во вистинитоста на бројките на пријавените наши граѓани за гласање во странство за изборите на 11 декември.