Пред дваесетина денa, во густата магла која ненадејно се спушти на скијачките терени на Попова Шапка, триесетина скијачи изгубиле ориентација и не можеле да се вратат до ски-центарот. Меѓу првите што им притекнале на помош, заедно со вработените од Ски-центарот Попова Шапка, биле спасувачите од Здружението за заштита и спасување во планина и на непристапен терен „Асклепиј“. Сите тие, благодарение на своето големо искуство и со помош на напредна технологија, успеале сите заталкани скијачи ги пронајдат во густата магла и безбедно да ги вратат во Ски-центарот.
„Пред дваесетина дена кога времето стана лошо, добивме повик дека има изгубени скијачи, надвор од ски-патеки. Заедно со вработените од Ски-центарот веднаш се вдадовме во потрага по нив. Од густата магла прст пред очи не се гледаше, но напомош ни дојде модерната технологија па оние кои имаа часовници или телефони со ГПС ни ги пратија нивните координати и успеавме да ги лесно да ги лоцираме и да дојдеме до нив. Оние, пак, кои немаа вакви уреди ги наоѓавме со довикување, следејќи го нивниот глас. Вакви случаи на планина не се ретки и затоа скијачите мора да се држат до зимската маркација, да ги почитуваат ознаките на патеките и да не се оддалечуваат од безбедносните места“, вели Драган Илиевски, член на спасувачкиот тим на „Асклепиј“.
Сепак, ваквите инциденти на планина се поретки, па на спасителната служба најголемиот дел од секојдневните активности им се насочени кон укажување прва помош на скијачите кои се повредиле на терените и нивно безбедно транспортирање до местата каде им се укажува лекарска помош.
„Патролите имаат две основни задачи, да делуваат превентивно во делот на безбедноста и да интервенираат кога ќе се случи одредена несреќа. Бројот на повреди што ги имаме во текот на еден ден е зависен и условен од временските прилики, број на посетители во скијалиштето, и од степен на обработка на патеките. Во текот на една сезона, на скијачките терени на Попова Шапка имаме помеѓу 300 и 400 повреди. На дневна основа најмногу повреди има во деновите од викендот затоа што тогаш е најголема посетеноста. Така, во деновите од викенд бележиме од осум до десет повреди, од кои две до три се повреди кои бараат итен медицински транспорт. Повреди има и во работни денови, но помалку. Исто така, повредите почесто се случуваат кога има влошување на подлогата на патеката“, вели Константин Циривири, раководител на службата.
Ваквиот број на повреди е вообичаен не само на терените на Попова Шапка туку и на кои било други скијачки терени, посочува Циривири, и тоа може да му се случи секому, без разлика колку е добар скијач.
„Никогаш не може да се елиминираат повредите ,бидејќи не можеме да кажеме дека причина за нив се неискуството, неопременоста или незнањето на скијачите. Некогаш имаме повреди и кај врвни скијачи со одлична опрема, а причината за нивното повредување е поради несоодветната проценка на условите кои владеат на патеката, а често пати и поради замор или стрес. При вакви случаи, кога имаме повредено лице на скијачките патеки од голема важност е неговата соработка со нашата екипа, за да може што побрзо и побезбедно тоа лице да биде префрлено“, вели Циривири.
Тој кажува за една случка од пред три недели кога интервенирале кај едно 13-годишно девојче, кај кое веднаш утврдилее дека има скршеница на потколеницата.
„Но, тоа што ми остави голем впечаток беше високиот степенот на смирност кај таткото, искусен скијач во спортови на отворено, кој веднаш дојде на местото на патеката заедно со синот. Дојде до нас и смирено праша каква е повредата на ќерката. На страна му кажав каква е состојбата, дека има скршеница на потколеницата и тој се стави како дел од патролата. Таа интервенција јас ја менаџирав, а тој ми помагаше, бидејќи кога правите имобилизација на стрмен терен потребни се повеќе раце да помогнат, некој да поткрене, некој да задржи. Овој позитивен пример на соработка со ски-патролата долго време ќе го кажуваме при едукацијата на идните патролери“, кажува Циривири.
Сите членови на спасувачкиот тим на „Асклепиј“ се добро обучени лица со долгогодишно искуство со спасувачката дејност во зимски услови, а на Попова Шапка се од 2017, додека претходно работеле на други ски-центри во државата. Но, покрај големата стручна оспособеност, велат дека имаат проблеми со слабата опременост.
„Морам да кажам дека има сериозен недостаток од одредена опрема, бидејќи ние немаме извори на финансирање надвор од услугата што ја даваме од ски-центарот, а износот е недоволен за набавка на нова и посовремена опрема, па недостатокот на опрема го компезираме со нашето лично залагање и стручност“, вели Циривири.
Зачајно е што Ски-патролата работи и по меѓународни стандарди, бидејќи ова здружение за заштита и спасување во планина и непристапен терен е првата и сé уште единствената организација во земјава којашто од 2016 е членка на Меѓународната комисија за алпско спасување ICAR-CISA (International Commission for Alpine Rescue). Името го добиле по античкиот бог на лекарството Асклепиј, син на богот Аполон, познат по тоа што им помагал на луѓето и ги лекувал.
З. АНДОНОВ