Селото Луковица, кое се наоѓа во високите предели на Сува Гора, откако падна последниот снег, со денови е отсечено од Општина Желино, на која и припаѓа, како и до и останатите населени места. Жителите на ова село се жалат дека од општината ништо не преземаат за да го расчистат патот до селото во должина од само 5,5 километри. Според нив, снегот е расчистен на патниот правец Групчин-Седларево, но на кракот од месноста Крстец до Луковица е оставен.
„Во вторникот во село Луковица има паднато снег над 60 сантиметри. До ден денес патот не е очистен и е непрооден. Горе има жители, над 35 души. Се обративме до Општина Желино од каде ветија дека ќе го исчистат патот, но до денеска ништо не сторија. Дополнително нé иритира тоа што патот Групчин-Седларево е очистен, а нашиот крак од 5,5 километри не е. Не можам да стапам во контакт ниту со директорот на ЈКП, ниту со градоначалникот. Се јавив во Центар за управување со кризи, да видиме што ќе биде. Горе во Луковица нема продавница, и за најосновните работи мора да оди до Групчин. Имаме само едно теренско возило кое може да слезе со ланци на сите четири тркала. Мислам дека сега не е времето од 70-тите години кога немаше машини. Сега машини има на секој чекор, и е некоја голема пара за Општина Желино да го расчисти патот, но сé зависи од нив“, изјави Миле Сибиновски од месната заедница и Здружението на жители на Луковица.
Тој кажува дека досега во два наврати кога имаше поголеми снежни врнежи патот бил чистен, но сега општинските служби тоа сé уште не го направиле.
Побаравме став од Општина Желино зошто овој патен правец, кој е во нивна надлежност, не е очистен но, иако беше ветено, од кабинетот на градоначалникот во текот на денот не добивме одговор за состојбата со отстранување на снегот.
Луковица е меѓу ретките села во државата до кое не води асфалтиран пат.
З. АНДОНОВ