Златко Апостолоски е Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, кој со решение на Владата во август пред две години е именуван на ова место. Претходно и сега, тој е во координацијата на безбедносно-разузнавачката заедница, од која многу зависи безбедноста на Република Северна Македонија, како во контекст на војната во Сирија, Ирак и Авганистан во која учествуваа(т) наши држaвјани, така и сега, среде поделеноста на општеството на пропутин(антинато), наспроти проукраински симпатизери и приврзаници.
Тој зборува дека критичната инфраструктура на Македонија мора веднаш да се регулира со закон и да се заштити од терористички, од сајбер и други напади.
- Господине Апостолоски, дали сега како членка на НАТО, Република Северна Македонија е попривлечна цел за терористички напади? Зголемен ли е ризикот, бидејќи терористите ги мразат НАТО, САД и демократските вредности?
Па не би го споделил тоа размислување дека сме потаргетирани за терористички напад зашто сме членка на НАТО, отколку да не сме. Напротив, членството во НАТО дава можност да бидеме партнерска држава со останатите држави кои се членки на НАТО, нашите безбедносни служби развиваат многу добри односи, како со земјите-членки од регионот, така и со останатите членки на НАТО. Оттаму во однос на заштитата од тероризам имаме повеќе бенефит, отколку поголеми закани во однос на безбедноста од терористички атак. Затоа што тероризмот не е работа што се случува сега и има ексклузивитет баш сега. Терористички акти, напади, постоеле отсекогаш. Секогаш војната или тероризмот се продолжување на целите на одредена политика. И затоа сметам дека членството во НАТО во никој случај не може да биде на штета, туку напротив е од голема корист за безбедноста на Република Северна Македонија.
- Освен масакрот кај Смилковско езеро кој беше тероризам и насилен (верски) екстремизам во 2012 година, ни се случиле нас некои други терористички напади или обиди за кои можеби и не сме чуле?
Како Република Северна Македонија, така и другите земји во регионот на западен Балкан, не беа посебно таргетирани со терористички напади во периодот на создавањето на исламска држава и на актуелизацијата на тероризмот како светска закана. Тие се користеа за регрутирање на терористички борци, така што од подрачјето на западен Балкан некаде околу 1.000 луѓе заминаа на боишта во Сирија и во Ирак и земаа активно учество во воените дејствија. Тоа не значи дека овие држави не беа под закана на терористички атак, но генерално оценките на разузнавачките, на безбедносните служби, се движеа од ниско кон средно ниво на терористичка закана.
Она што се случи на Смиљковско езеро слободно можеме да го окарактеризираме како терористички напад, меѓутоа според истрагата и пресудата за овој настан, не се работи за контекст на глобална цел на терористичка закана, туку за манифестација на екстремистички размислувања или цели од локален карактер.
- Не е ли подеднакво страшен домашниот тероризам?
Секој тероризам е подеднакво опасен, затоа што во суштина, за да постигне одредени цели, терористичкиот акт треба да предизвика паника, страв, несигурност кај граѓаните. Но, единствени сме во тоа дека терористичкиот напад се изведува заради постигнување на одредени политички цели. И, во тој контекст сметам дека и внатрешниот, и локалниот, и меѓународниот тероризам се подеднакво опасни и сериозни за безбедноста на државата.
- Во контекст на ова што го кажувате, организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година во обвинението не беше тероризам, а имаше политичка цел?
Македонија од 1991 година развива парламентарна демократија. Слободите и правата на граѓаните се загарантирани со Уставот. Сите оние премрежја што ги имавме при создавањето на државата околу етничките права и слободи, мислам дека во добар дел се исполнети. Во неколку наврати правевме интервенција на Уставот и на законите, се со единствена цел да развиеме една широка либерална демократија во која сите етникуми ќе се чувствуваат рамноправни и еднакви пред законот. Последната девиза на оваа влада, е дека треба да градиме едно и еднакво општество за сите. Тргнувајќи од тие постулати, сметам дека беше непотребен чинот на 27 април, начинот на кој се упадна во Собранието и се манифестираше сила. Бидејќи секој упад во највисоките институции на државата се третира како терористички акт и строго се пропишани како начините на постапување, така и заштитата на виталните објекти, со оглед на тоа што Собранието и Владата се објекти од критично значење за државата, тука мора да биде одговорот на државата точен, одлучен и прецизен во однос на сите кои посегнале на таков начин да влезат и да манифестираат политичка сила во законодавниот дом.
- Во најновиот Извештај на Стејт Департментот за тероризам, стои дека Единицата за борба против тероризам во МВР нема доволен капацитет и е на почеток на формирање. Загрижен сте поради ова?
Во 2019 година почна реформата во разузнавачко-безбедносниот систем на Македонија. И сами знаете дека во одреден период, од 2006 година наваму, до 2017 година, во јавноста излегоа подредени показатели и податоци дека безбедносните служби беа користени во несоодветни цели. Односно, дека овластувањата на тие служби биле злоупотребени за постигнување на одредени партиски или политички цели. Што секако, не би смеело да се случува во една држава во која веќе е членка на НАТО и во која зборуваме дека ги негуваме човековите права и слободи. Секој настап или активност на која било институција во државата, па и на безбедносните служби, мора да биде согласно законите и согласно Уставот. И нормално, мора да обезбедиме цивилна контрола на разузнавачките служби. Во 2019 година кога се направи реформата на безбедносниот систем, Агенцијата за национална безбедност која припаѓаше во МВР, со новиот закон за формирање на АНБ, се издвои од Министерството и се формира како засебна разузнавачка служба која работи исклучиво на разузнавање внатре во државата, на заштита на уставниот поредок. Тогаш се формираше и Секторот за борба против тероризам, во Бирото за јавна безбедност на МВР во Одделот за организиран криминал, со исклучива надлежност за борба против тероризам. Дотогаш значи беше во Управата за безбедност и контраразузнавање, зашто во УБК постоеја сектори за борба против тероризам. АНБ (бивша УБК) ги изгуби полициските овластувања, се јави потребата да се формира посебен сектор во БЈБ кој ќе работи на процесирање на кривични пријави од областа на борбата против тероризмот.
Секторот за борба против тероризам кој е во Министерството за внатрешни работи, нормално е дека во почетокот ќе се соочува со проблеми. Имајќи предвид дека ние како држава имаме и ограничени финансиски ресурси, и ограничени човечки ресурси. Но, сега веќе работиме интензивно и со човечки потенцијал, и со техника и со опрема да го снабдиме. Она што јас интензивно го декларирам пред партнерите кои соработуваме на стратешко ниво за борба против тероризмот, е тоа на секој начин луѓето кои се во секторот за борба против тероризам да пројдат на специјализирани обуки, да се обучат соодветно и добро, за да може добро да ја следат и да ја работат проблематиката на тероризмот и воедно да добиеме и соодветна опрема, како од средствата што ги издвои Владата за таа намена, така и од меѓународни донатори, партнери, од кои може да обезбедиме помош за тој сектор да профункционира.
- Како е обезбедена нашата критична инфраструктура? Што спаѓа во критична инфраструктура?
Како држава, уште во времето на СФРЈ, беа дефинирани секторите кои се клучни за неа, и за државите кои припаѓаа во склопот на Југославија. Во тој контекст, и во Република Македонија дефинирани се секторите кои претставуваат клучни и неопходни за функционирање на една држава. Нормално дека постојат механизми за обезбедување и заштита на тие сектори за да функционираат беспрекорно. Како одминува времето, се соочуваме со модерни предизвици за загрозување на критичната инфраструктура. Поради тоа, подолго време се наметнува за потребно во Македонија да се донесе закон со кој ќе се регулира заштитата на критичната инфраструктура. Веќе сме во фаза на подготовка на активностите за дефинирање на критичната инфраструктура, уште повеќе што ако ги отвориме пристапните преговори за влез во ЕУ, а веќе сме на прагот да го направиме тоа нели, регулацијата на критичната инфраструктура е повеќе од потребна. Сега веќе сумираме кои искуства ќе бидат најдобри од членка на ЕУ, кои ќе може да ги примениме во пракса. Преку секторот за европски прашања веќе е обезбеден експерт од Хрватска, кој работел на изготвување на многу закони во регионот на оваа тема, кој и во Србија партиципирал во изготвувањето на законот. Ние преку проект кој е одобрен од нордиските земји обезбедивме средства, експертот е веќе ангажиран и јас како национален координатор присуствував на работилница на која со работната група од Министерството за одбрана, носител на законот, ги поставивме основите, контурите за неговото изготвување. Планот е март-април да се изработи драфт верзијата до Владата.
Варијабилно е во секоја држава кои области ќе се стават под критична инфраструктура (КИ). Секоја од државите на ЕУ на различен начин го уредува прашањето за заштита на критичната инфраструктура. Она што значат уредбите за заштита на критичната инфраструктура донесени во Советот на Европа, државите членки на ЕУ мора да ги почитуваат и да ги применуваат. Но, одредбите на ЕУ не даваат дефиниција или не ги обврзуваат државите на Унијата на кој начин ќе ја вршат заштитата на критичната инфраструктура. Последната декларација на ЕУ од 2020 година веќе дефинира десетина сектори, кои треба да се земат предвид при регулирање на материјата на критичната инфраструктура.
- Што ќе ставиме во законот како критична инфрастуктура во Македонија?
Треба да бидеме многу селективни и претпазливи во однос на тоа што ќе ставиме во критична инфраструктура. Ќе има влијание што повеќе да го прошириме фондот на сектори , јас не сум приврзаник на таквата опција, бидејќи заштитата на КИ е и скапа работа и изискува регулирање и трошоци внатре во самите институции кои ќе обезбедуваат нејзина заштита, уште повеќе што сега имаме бројни приватни компании (во областа на енергијата, телекомуникациите н.з.), кои се битни за државата и веројатно ќе влезат во заштитата на критичната инфраструктура. Ќе биде предизвик за државата на кој начин да го уредиме односот со приватните сопственици на компаниите. Во Европа и во светот тоа се уредува со приватно партнерство, веројатно и ние ќе го користиме истиот модел за да се договориме со приватните компании на кој начин тие ќе ги прифатат стандардите кои законот за критична инфраструктура ќе им ги наметне и кои ќе треба да ги почитуваат.
- Што ви падна прво на памет кога неодамна снема струја половина час, скоро цело Скопје?
Прво што ми падна на памет е дека требаше многу порано да ги уредиме сите прашања за заштита на критичната инфраструктура, бидејќи Трафостаницата запад во Пинтија, порано беше заштитен објект. Уште во времето кога бев началник на УБК, објектот ни беше од посебно значење и ние го штитевме од разузнавачки, од контраразузнавачки, од антитерористички, и секаков аспект тој објект. Знаевме дека ако на тој објект дојде до хаварија предизвикана од кои било причини во таа трафостаница, ние ќе се соочиме со проблем во снабдувањето со електрична енергија, дека негде околу 70 проценти од Скопје ќе биде без струја. Затоа тој објект е од посебно значење и тоа уште повеќе треба да ја разбуди свеста кај нас дека треба да бидеме прецизни и што побргу да ја регулираме заштитата на критичната инфраструктура. Модерните предизвици што се случуваат да речеме со кризата во Украина, потоа она што е модерно, сајбер нападите, уште повеќе поттикнува ние како држава да ги регулираме овие прашања. Затоа што сите сајбер напади или модерни хибридни закани како што стручно ги нарекуваме, се насочени кон нарушување на нормалното функционирање на критичната инфраструктура. Со самото тоа предизвикуваат хаос во државата, неможност да се реализираат потребните предуслови за нормално живеење на граѓаните. Без регулација, ние сме ранливи од секаков напад.
С. К. ДЕЛЕВСКА