1. Прво дојде генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон и им одржа предавање на пратениците на Собранието. Потоа дојде командантот на силите на НАТО во Европа Весли Кларк и пак ни оддаде признание за соработката. Сега уште 2000 војници на КФОР ќе одат како засилување на постојниот контингент во Косово.
Вечниот Живко Толевски ќе организира митинг на незадоволството на, како што предвидува, 100 илјади работници. Бранко Црвенковски чека уште малку да се стопли, па владата во сенка да ги извади на сонце незадоволните за да прават митинзи.
Има да пука на Балканот на сите страни. Пролетна офанзива.
На оваа влада, ваква офанзива ќе ѝ биде добредојдена. Пак ќе има бегалци, пак ќе се градат кампови, пак коалиционите партнери ќе ги релаксираат меѓуетничките односи и пак нема да имаат време да се зафатат со реформа на стопанството. Кој ќе има срце да ги критикува кога хеликоптерите и авионите пак ќе летаат над нашите глави. Уште се правдаат дека ништо не направиле поради минатогодишната бегалска криза. Уште една криза оваа пролет, и обезбедени се и за идната година. Ќе им остане само грижата да си купат уште десетина луксузни возила. Да не чуе злото, да не им затребаат за бегање.
2. ‘ Бати Владата што се исплаши од Живко Толевски.
3. Ете и новиот командант на силите на КФОР во Македонија, генералот Џон Дајермонт, вели дека во Македонија му било како да си е дома. Пред да дојде тука, бил на служба во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Ако и таму се чувствувал како дома, тешко нас. Ќе треба да му се обезбедат слични услови за работа.
Впрочем, генералот е во право. Нели премиерот Љубчо Георгиевски во една пригода му рече на Весли Кларк дека тој во Македонија не е гостин, туку домаќин. Ако Кларк е домаќинот во Македонија, тогаш нормално е и неговиот генерал Дајермонт да си се чувствува како дома.
4. Изгледа дека од сите политичари, само Арбен Џафери знае точно колку е часот и кој е главен во Македонија, па се спотера до Тирана да се сретне со Весли Кларк и со Хашим Тачи, за да разговараат за инцидентите во Косовска Митровица. Бидејќи НАТО управува со Западен Балкан, Џафери заслужил да го постават за гувернер на Македонија.
Одлична е идејата на Албанците од Косово Бернар Кушнер да им изготви пасоши со кои тие ќе можат да патуваат само во Албанија и во Македонија. Бидејќи пасошите нема да важат за другите европски земји, тоа е најдобар доказ колку меѓународната зедница се грижи за нас. Загрижена е случајно да не избегаме од трлото и да се замешаме со нив. Затоа што Македонија како оаза ќе биде проширена на поголема територија. Овде никнуваат експериментални билки. А Европа нè заградува со санитарен кордон, за да можеме успешно да се развиваме. Ако нè изгубат и нас, тешко дека на друго место ќе најдат терен за експериментирање.
Со Кушнеровите пасоши, меѓународната заедница решава два проблема во исто време. Ем ќе се заштити од нас да нè ја загадуваме ем глобално ќе го реши албанското прашање.
5. Штета што не го слушаат претседателот Борис Трајковски кога им зборува во Латвија. Тој рече дека мораме да организираме локални избори во Косово. Српската опозиција не треба да се грижи како ќе го смени Милошевиќ, кога си го имаат Борис на Балканот. Со него и со Џафери како гувернер, победата на Борис за градоначалник на Косовска Митровица е гарантирана.
6. Се откри тајната на “мерцедесите” за Министерството за одбрана. Тие му доаѓаат нешто како провизија. Германците ни подарија транспортери од бившата Источна Германија, ама сме морале да купиме луксузни автомобили од нивна фирма.
Претпоставувам дека слична е и приказната со “крајслерите” и “кадилаците” за МВР. Американците ни подаруваат оружје, ама мора и да купуваме од нив. Ете, дури и Клинтон се јавувал во таму некоја банка, за да ургира за кредитот за Македонија. Што ти е лошо влијание. Човекот еднаш помина низ Македонија и почна да се однесува како нашите политичари. Претседател, а се јавува по банки.
Или, сепак, ова е некое женско масло. Хилари беше тука двапати. Зделката не ја средиле Борис и Клинтон, туку првите дами. Хилари ургирала кај американските врски на Вилма, Македонија да го помогне американското стопанство.
Во двата случаи, и со “мерцедесите” и со “крајслерите”, излегува дека со секое подарено оружје, доаѓа зделка за подарувачот.
Само Бугарите ги зезнавме. И покрај тоа што Кљусев им ги зеде сите стари тенкови што требаше да ги уништуваат, не успеаја да ни продадат кашкавал, бидејќи Љубчо има фрустрации од детството кон бугарски кашкавал.