На Клиниката за урологија заврши втората од двете трансплантации на бубрег, откако во саботата доцна во ноќта семејството на младо момче со мозочна смрт даде согласност за донирање на органите. Покрај бубрезите, екипата на Клиниката за ортопедија направи експлантација и на коскени ткива, соопшти Министерството за здравство.
„Двајца млади пациенти со болест на бубрезите кои беа на дијализа добија шанса за нов живот. Уште неколку пациенти со малигни болести и трауматски повреди, кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија, во наредните недели ќе добијат можност да им бидат имплантирани здрави коскени ткива. Благодараност до семејството кое во своите најтешки моменти одлучи да помогне и да спаси друг живот. Сочувствуваме со нивната болка, ја почитиваме нивната одлука и благодариме за тоа што го направија. Во неделите кои се пред нас, неколку пациенти со тешка болест ќе добијат шанса за нов живот“, се заблагодари министерот д-р Беким Сали.
Ова е втора трансплантација од почетокот на годинава и 12-та од мај 2020, откако Програмата за трансплантација на Министерството за здравство се прошири во делот на мултиорганската трансплантација.
„Секоја трансплантација за нас е голем успех затоа што со сето ова што го работиме, полека, но сигурно го менуваме системот. Покажуваме колку можеме како лекари да направиме за нашите пациенти, а во исто време и како општество во целина да бидеме попозитивни во поглед на органодонорството“, рече д-р Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА