ХЕРАКЛЕЈА ДОБИ АУДИОВОДИЧ НА СЕДУМ ЈАЗИЦИ

    ХЕРАКЛЕЈА ДОБИ АУДИОВОДИЧ НА СЕДУМ ЈАЗИЦИАлатката овозможува информации за 12 точки на локалитетот на македонски, англиски, албански, германски, француски, италијански и полски. (Фото: СДК.МК)

    Посетителите во локалитетот Хераклеја веќе нема да чекаат туристички водич да ги запознае со античкиот град, туку ќе можат сами да го разгледаат користејќи повеќејазичен аудиоводич. Пристапот до ова дигитално решение е многу едноставен, со скинирање на кодот поставен на информативнитивните табли во локалитетот со мобилен телефон. Алатката овозможува информации за 12 точки на локалитетот на седум јазици: македонски, англиски, албански, германски, француски, италијански и полски.

    Се завршува и изработката на апликациите и поставување на опремата кои ќе овозможат да се добие вирутуелна реалност за изгледот на Хераклеја. Ова е дел од проектот „Смарт- кул-тур“ финансиран со европски пари преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија во вредност од 750.000 евра, од кои над 100.000 евра грант од Министерството за локална самоуправа.

    „Проектот кој се реализираше во изминатите 28 месеци опфати многу активности од инфраструктурен карактер во Хераклеја, тоа вклучува осовременување на пристапната патека до театарот, поставени единици за контрола на влез на посетители, опремување и осовременување на сувенирницата и на музејскиот простор на Херклеја, кој долг период беше затворен и недостапен за посетителите поради инфраструктурни проблеми кои сега се надминати. Поставен е лифт на лица со поречености и пристапни рампи кои за првпат овозможија на оваа група на граѓани да присуствуваат на културните настани и да доѓаат на видиковецот од каде ќе можат да го видат цел локалитет“, рече Мери Стојанова, директорка на Завод и музеј-Битола.

    Минатото лето посетеноста на Хераклеја беше поголема во споредба со првата година од пандемијата, а надлежните се надеваат дека годинава ќе биде уште попосетена и дека можеби ќе се доближат до оние посакувани бројки од претходно, односно од 20.000 до 30.000 туристи годишно.

    „Проектот се покажа како добар, па и од следниот повик ЕУ одобри втора фаза во која ќе се реновира дворот во Пациото и објектот Парк кој е до Офицерски дом и сите знаеме каква руина е“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

    Од албанска страна во село Глобочани, Општина Пустец, реконструирана е старата училишна зграда каде некогаш учел албанскиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе и во неа е отворен музеј со негови лични предмети презентирани на динамичен и модерен начин.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира