НАГРАДАТА МЕНАДА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ 2022 ЗА АМЕРИКАНСКАТА ТАНЦОВА КОМПАНИЈА „МАРТА ГРЕАМ“

    НАГРАДАТА МЕНАДА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ 2022 ЗА АМЕРИКАНСКАТА ТАНЦОВА КОМПАНИЈА „МАРТА ГРЕАМ“Марта Греам е американска танчарка и кореографка која има создадено 181 претстава и своја танцова техника

    Легендарната танцова компанија „Марта Греам“ од Њујорк е годинашниот добитник на наградата Менада за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот, што ја доделува Танц фест Скопје. Компанијата ќе настапи во рамките на 18. издание нa фестивалот, а наградата ќе ѝ биде доделена на актуелната уметничка директорка на компанијата, Џенет Ајлбер, на 20 април.

    „Горда сум што фестивалот на својот 18. роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што нa својата публика ќе ѝ овозможи уникатно задоволство да ги види креациите на Марта Греам создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво“, вели уметничката директорка на Танц фест Скопје, Рисима Рисимкин.

    Марта Греам (1894-1991) е американска танчарка и кореографка која има создадено 181 претстава и своја танцова техника, која е општоприфатена и со своите значење, обем и големина е споредувана со класичната балетска техника на танцување. Извонредното уметничко наследство на Греам се чува и презентира преку изведбите на нејзините дела, кои танцовата компанија „Марта Греам“, заедно со подмладокот од „Марта Греам 2“, ги претставуваат ширум светот.

    Греам ја основала компанијата во 1926. Во делата на Греам настапувале светски познати изведувачи, како Михаил Баришников, Маргот Фонтејн, Лиза Минели, Рудолф Нуреев и Маја Плисецкаја. Во 1976, претседателот Џералд Форд ѝ го додели највисокото цивилно признание во САД, Претседателски медал на слободата и ја прогласи за национално богатство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира