АДВОКАТКА ТВРДИ ДЕКА Ѝ БИЛ ПОБАРАН ПОТКУП ОД РАКОВОДИТЕЛКА ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА, А ОТКАКО ОДБИЛА БИЛА УЦЕНУВАНА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПАРИТЕ ШТО Ѝ СЛЕДУВААТ

    АДВОКАТКА ТВРДИ ДЕКА Ѝ БИЛ ПОБАРАН ПОТКУП ОД РАКОВОДИТЕЛКА ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА, А ОТКАКО ОДБИЛА БИЛА УЦЕНУВАНА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПАРИТЕ ШТО Ѝ СЛЕДУВААТСпоред преписката меѓу Министерството за правда и адвокатката, министерството исплаќа веднаш ако адвокатот даде изјава дека нема да тужи - Принтскрин од преписката и од сајтот на Министерството за правда

    Александра Илиева-Милчова, адвокатка од Скопје, вели дека во Министерството за правда ѝ бил побаран поткуп. Уценувана била од раководителка во министерството, за без пари да ѝ застапува нејзин предмет пред суд.

    Младата адвокатка, која тогаш била во Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош, ја одбила раководителката, а за казна, таа ѝ пресметала само 20 отсто од трошоците кои Илиева-Милчова ги направила застапувајќи сиромашна странка во друга постапка пред суд цели две години.

    Уцената меѓутоа не запрела тука. Адвокатката добила мејл од раководителката во кој ѝ се заканува дека и овие 20 отсто нема да ги добие ако се осмели да тужи за парите што не ѝ ги исплаќа министерството.

    Секако Илиева-Милчова поднела жалба до Управниот суд за поврат на судските трошоци што ги плаќала од својот џеб застапувајќи странка по програмата за бесплатна правна помош. Кога правдата ја добила пред Управниот суд, му се обратила на министерот Никола Тупанчески и си ги побарала трошоците.

    „Кога му се обратив на министерот, како одговор добив Решение со кое тој ме избриша од Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош“, тврди адвокатката Илиева-Милчова.

    Таа, покрај тоа што е овластен застапник по индустриска сопственост и овластен регистрационен агент, е и во Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош на ранливи категории граѓани.

    Подолго време адвокатите кои пружаат бесплатна правна помош, а на кои според законот, државата треба да им ги надомести трошоците, се жалат на незаконско работење на Секторот во рамки на Министерството за правда. Не им се исплаќаат трошоците, или делумно им се исплаќаат, па средствата ги даваат од џеб. Ако се побунат, нема да добијат случај. Ако тужат, веднаш се бришени од Регистерот.

    Адвокатите се сомневаат на коруптивно однесување околу бесплатната правна помош, како што е овој случај со раководителката.

    „Јас сум од 2010 година на списокот на Министерство за правда за бесплатна правна помош, но првпат сум назначена во 2018 на еден предмет. По препорака на некој од Министерството за правда, дојде клиент кај мене. Се поведе спор по донесено Решение на Министерството. Предметот беше комплициран и емотивно тежок, но почнав да го водам. Потоа следеа две години расправи, јас без прекин го застапував предметот. Жално е да се каже дека одговорното лице во Секторот за бесплатна правна помош нема познавања од тоа како се одредува вредност на спор, како се вреднуваат посебните поднесоци, за што во целост ѝ беше објаснувано. Во друг предмет не сум назначена“, вели адвокатката Илиева-Милчова.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали редовно и дали во објективна и реална висина ѝ се платени трошоците за нејзините адвокатски услуги како бесплатна правна помош, адвокатката одговара со негативно коруптивно искуство од лице на раководна функција, што го доживеала во Министерството за правда.

    „Во единствениот предмет каде што бев назначена, најпрвин бев повикана на кафе од одговорното лице каде истата бараше правна помош за некој нејзин имотно-правен спор кој бесплатно ѝ го водел адвокат, а го изгубил пред суд. Не бев заинтересирана, ја одбив. Веднаш потоа, си добив ‘следување’. Трошковникот ми беше одбиен. Ми исплатија само 20 отсто од трошоците што ги направив застапувајќи ја странката преку бесплатна правна помош. Начинот на пресметката беше утврден така што некои расправи не ми ги вреднувале, иако сум тужител и моето присуство е задолжително. Всушност вредноста на спорот Министерството своеволно ја намали од 1.500,000 на 500.000 денари, со цел да ми биде помалку платено“, зборува отворено оваа уценета, па казнета адвокатка.

    На Илиева-Милчова штотуку ѝ завршило породилното боледување, па таа најавува дека случајот најпрво ќе го пријави во Антикорупциската комисија. Иако, и Антикорупциска и Јавното обвинителство Скопје можат за барањето поткуп во овој случај да отворат предмет самите, по допрен глас. Идентитетот на раководителката е познат на редакцијата.

    Иако Министерството за правда негира дека „адвокати се бришат од Регистерот затоа што повеле управен спор, бидејќи има и други адвокати кои повеле управен спор, но не се избришани“, Илиева-Милчова е уште еден пример дека е избришана токму затоа што го тужела Министерството.

    „Два управни спора веќе добив. Поништени се двете Решенија на министерството за правда како Решенија спротивни на закон, се води трет Управен спор. Јас сум целосно ангажирана со цел да ги добијам средствата кои ми следуваат по закон, но кога побарав и се обратив до министерот со двата добиени управни спора да ме исплатат со цел третиот да го повлечам , овој месец следеше Решение за бришење од Регистерот. И сега против тоа Решение се води и четврт управен спор. Со овие незаконити дејствија, мене ми е причинета штета“, вели Илиева-Милчова.

    Од Регистерот е избришана затоа што го тужи Министерството поради неисплатени трошоци и адвокатката Тамара Славеска-Апостоловски. Во Решението за бришење стои дека иако немала веројатност за успех, таа продолжила да го тера случајот на починатиот матурант Тони Сали пред Врховниот суд, а парадоксот е во тоа што таа извојува постхумна победа, успех, токму пред највисокиот суд.

    Илиева-Милчова исто како и нејзините колеги, се сомнева во корупција при распределбата на предмети за бесплатна правна помош, за кои министерот Никола Тупанчески, потпишан на решенијата за бришење, тврди дека таа се врши строго по утврден правилник.

    „Единствен критериум за да се добие предмет, е странката да има право самата да побара кој адвокат да ја застапува, но ова се манипулира од одговорните лица кои прават обиди со нас адвокатите да се најде следен кој ќе ‘соработува’. На тој начин се врши назначување“, е искуството на оваа адвокатка.

    Таа додава дека за сите овие тврдења што ги даде за САКАМДАКАЖАМ.МК, поседува документација.

    „Чудно е што се донесе многу добар Закон за бесплатна правна помош кој преку нас адвокатите и со помош на Министерството за правда ќе гарантира пристап до правдата, за што се одвоени значајни средства, но сето тоа не функционира заради пречки од одговорните лица во Министерството“, вели уценуваната, па избришана адвокатка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира