Бизнисменот Јордан Камчев останува во истрагата за „Империја“, вели Јавното обвинителство на Македонија, наспроти тврдењата на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која вчера го ослободи практично од овој случај.
Јавното обвинителство во соопштение појаснува дека Камчев, кој е во групата со уште 13 осомничени во „Империја“, се спогодил со признание на вина само за кривичното дело Злоупотреба на службената положба до 2009 година. Делата за кои е осомничен, за периодот од 2009 до 2018 година се во сила, Камчев останува меѓу осомничените за овој период.
Истрагата и за овој дел до 2018 година е завршена, случајот е пред обвинение.
„За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како ‘Империја’, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука“, потенцира Јавнотото обвинителство.
Русковска, пак, вчера изјави дека со спогодбата со признание на вина да одлежи година дена затвор и да плати 5,2 милиона евра во Буџетот на државата, завршил со случајот „Империја”. Кажа дека за овој предмет тој нема да влезе во судница.
За Камчев, како што потенцираше Јавното обвинителство, останува отворен и случајот со гаснење на Медиапринт Македонија (МПМ), кој првично е пријавен во ОЈО Скопје.
Дејствијата на Камчев од 2009 до 2018 година се однесуваат на недозволени дејствија и перење пари по наредба наводно на осомничениот во „Империја“ Сашо Мијалков, преку фирми кои обвинителката Лиле Стефанова, истражителите и економските вештаци утврдиле дека се всушност на Мијалков.
Без оглед што и како утврдиле, со изјавата дека и Мијалков пројавил заинтересираност да се спогоди со обвинителството, Русковска ја стопи неговата пресумпција на невиност. Правници велат дека не смеела да го спомне по име Сашо Мијалков дека сакал наводно да преговара и да се спогодува, зашто ако не се случи тоа, и ако утре влезе во судница да се брани дека не ги сторил делата што му се на товар, тој е откриен дека сака да признае вина.
Завчера, заедно со Камчев вина признал и се спогодил и осомничениот Ненад Јосифовиќ.
„Во текот вчерашниот ден, Основниот кривичен суд Скопје прифати две Предлог спогодби склучени пред поднесување на Обвинителен акт помеѓу јавниот обвинител Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и двајца обвинети во предметот ‘Империја’. Спогодбите се однесуваат за кривични дела опфатени со Наредбата за спроведување на истражна постапка за период до 2009 година. Со опишаните дејствија обвинетиот Ј.К. сторил кривично дело – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 ст.4 вв ст.3 и ст.1 и чл.22 од КЗ, додека обвинетиот Н.Ј. сторил кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 ст.1 од КЗ. Двајцата обвинети го признаа извршувањето на кривичните дела што им се ставаат на товар и се согласија да им биде изречена казна затвор во траење од по една година во која ќе им се засмета и времето поминато во притвор. Во исто време, правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци беше задолжено да ја надомести штетата на Буџетот на Република Северна Македонија на име на неплатени даноци во износ од 320.918.372,00 денари“, соопшти Државното обвинителство.
Натаму, во детали се опишува како двајцата ги сториле кривичните дела за овој дел од „Империја“, до 2009 година:
„Во временскиот период од јануари 2004 година до март 2006 година обвинетиот Ј.К. заедно со обвинетите К.К.С. и З.А. и покојниот И.К., како одговорни лица извршни и неизвршни членови на Одборот на директори во правното лице ‘Орка холдинг’ АД Скопје кое во октомври 2004 година е преименувано во ДПТУ ‘ХООР’ АД Кавадарци, ги искористиле своите овластувања и положба и го оштетиле доверителот – Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје, за износ 322.918.371,00 денари. Обвинетиот Ј.К., во јануари 2004 година, основал оф-шор компанија во САД. Од страна на обвинетите Ј.К., К.К.С. и З.А. заедно со сега покојниот И.К. била донесена одлука за склучување на фиктивен договор со компанијата за наводна изработка и испорака на конфекција – воени униформи. Компанијата која немала вработени лица, ниту деловни активности, била застапувана од обвинетиот Д.Ј. – вработен како возач во правното лице ‘Орка холдинг’ АД Скопје, кој прифатил да се потпишува како полномошник. Заради наводно обезбедување дека униформите ќе бидат изработени, поголем дел од имотот на ‘Орка холдинг’ АД Скопје бил ставен под хипотека. За да го намали имотот на ‘Орка холдинг’ АД Скопје, обвинетиот Ј.К. во име на правното лице од САД во период од месец мај 2004 година до мај 2005 година, во неколку наврати изготвувал невистинити фактури со вкупен износ од 11.000.000,00 евра кои биле евидентирани во книговодствена евиденција како вистинити. Овие фактури биле основа правното лице во чие име постапувал обвинетиот Д.Ј. да поведе судски постапки и да бидат признаени побарувањата што произлегуваат од нив. Врз основа на извршни решенија, правното лице – доверител ја блокира жиро сметката на ‘Орка холдинг’ АД Скопје кое во меѓувреме се преименува во ДПТУ ’ХООР’АД Кавадарци“.
Што признал натаму Камчев во истрагата за „Империја“ за која на судењето за „Рекет“ тврдеше дека e „чиста конструкција“ за да го рекетираат Бојан Јовановски и Катица Јанева?
„На крајот на месец август 2005 година обвинетиот Ј.К. иако знаел дека побарувањата се невистинити преку правното лице – доверител, поднесува барање за отворање на стечајна постапка над ДПТУ ’ХООР’АД Кавадарци. Со тоа Ј.К. како вистински сопственик на правното лице – доверител поднел невистинито стечајно побарување, по што Основниот суд Кавадарци во 2006 година донел решение со кое го одобрил планот за реорганизација на стечајниот должник ДПТУ ‘ХООР’АД во стечај – Кавадарци. Со ова за правното лице од САД е прибавена противправна имотна корист од 108.251 акции и станува доминантен сопственик на акциите на правното лице ДПТУ’ХООР’АД Кавадарци на кое правен претходник е ‘Орка холдинг’ АД Скопје. Правното лице од Швајцарија каде еден од крајните сопственици бил сега покојниот И.К. станува сопственик на 18.381 акција, па доверителот Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје е оневозможена да го наплати побарувањето во износ од 322.918.371,00 денари утврдено со решение на Основен суд Кавадарци. Во јуни 2006 година на седница на Собранието на ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на која двете правни лица – сопственици на капиталот биле застапувани од обвинетиот Н.Ј. е донесена одлука правното лице ДПТУ ‘ХООР’АД Кавадарци повторно да се преименува во ‘Орка холдинг’АД Скопје. Обвинетиот Н.Ј. поттикнат од сега покојниот И.К. како полномошник на двете правни лица – сопственици на капиталот, во јули 2007 година, иако знаел дека 126.632 акции од ‘Орка холдинг’ АД Скопје се прибавени со кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ, склучил договор за купoпродажба. За износ од 21.588.000,00 денари на правно лице од Лугано му продал 99,88% од акционерскиот капитал, а правното лице било преименувано во Евро балкан груп. Во август 2012 година акциите повторно се продадени на правното лице ‘Орка холдинг’ АД Скопје за износ од 61.380.000,00 денари, по што правното лице Евро балкан груп во септември истата година е преименувано во ‘Кара’АД Скопје со што бил прикриен изворот и сопственоста на акциите“, наведува Обвинителството.
Правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје и на ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци, на 26.04.2022 година по претходно дадена сметка и износ од страна на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција исплатило износ од 5,2 милиони евра на сметката на Управата за јавни приходи.
С. К. ДЕЛЕВСКА