1. Илинден веќе не е тоа што беше. Годинава ја немаше Сребра со непознатата течност во пластичното шишенце, Ичо не го газеше знамето, младите ВМРО-вци и СДСМ-овци не се истепаа, полицијата немаше работа…
Да ти падне жал за Борис. Му ги немаше сопартијците за да им се прави важен како претседател. Од Владата му го испратија само министерот за здравство Драган Даниловски. Затоа што односите меѓу Борис и Владата се нездрави. Од ДА му ги испратија само заменик-министерот за култура Благоја Чоревски и директорката на Заводот за статистика Светлана Антоновска. Благоја за да иницира аплауз како в театар, а Светлана за да ги изброи гостите. И двајцата немаа многу работа. Но, најжално е што Бориса немаше ни кој да го исвирка ниту, пак, барем да го испрска со вода. Тоа покажува дека, очигледно, националното единство е конечно постигнато. Кога дури и власта се откажа од прославата на Илинден, нормално е што и нацијата решила да не учествува на партиските митинзи на Мечкин Камен.
Затоа, пак, Љубчо реши годинава Илинден да го прослави во Хановер. Заедно со Тупурковски. Се гледа дека Љубчо учи од Циле. Во последно време од авион не слегува. Затоа премиерот во Германија бил пречекан од министерот за сообраќај. Тоа било правено по протокол за Циле. Германците изгледа не знаеле дека со премиерот и вицепремиерот ќе допатуваат и други министри. Ќе подготвеле друг протокол. Следниот пат домаќин ќе им биде министерот за туризам.
И Саво убаво си помина на Илинден. Си се напил две ракиички во манастирот “Св. Прохор Пчињски”. Сега Циле ќе му се налути. Затоа што кога бил во Тајван, Саво не сакал да пие кинеска ракија. А српска ракија – може.
Саво знае како ќе се реши проблемот со спомен собата на АСНОМ во “Прохор Пчињски”. Ама не кажува. Тајната е во манастирската ракија.
2. Уште во април, претседателот Борис Трајковски, во интервју за загрепски “Глобус”, се пофали дека полскиот претседател Александар Квашњевски, затоа што наш Борче бил најмлад претседател во Европа, му подарил еднен литар млеко во тетрапак. Борис тогаш кажа дека рокот на млекото истекува на 2 август, па го поканил полскиот претседател дотогаш заедно да го испијат. Квашњевски не дојде. На Борис му скисна млекото.
Тешка била државничката работа. Наместо да пие млеко, Борис мора да држи говор на Мечкин Камен.
3. Тешко е да си претседател. Не можеш ни на одмор да одиш, а да не ѝ се јавиш на нацијата. Плус и врховен командант. Па и на летување те испраќаат со свечен строј на гардата на аеродром. Среќа што на Бриони ги има сите потребни реквизити за на плажа. Инаку, не оди Борис со надуван душек под мишка, а Вилма со чадорот за сонце и торбата за плажа, по влечки да поминат покрај гардистите, пред да се качат на авионот.
Сиромашкиот наш претседател, ни на одмор не може да оди да се одмори. И таму ќе работи. Така рекоа во неговиот кабинет. Ќе одел на работен одмор. Што ли ќе работи на Бриони? Да не се фати случајно за стругот на Тито, па да учи и тој браварски занает?
Тоа ти се вика штедлив претседател. Човекот му се тупна на гости на Стипе Месиќ, па овој нека гледа како ќе го издржува. Не е Борис неизживеан како Љубчо, па да плаќа туристички аранжмани од свој џеб за да се бања на Мртво Море во Израел, а жена му да крштава амбициозни пратенички што сакаат да станат министри. Не е во ред и ако за одморот му плаќа државата. Зошто да нè става сите во трошок, кога тој си е вреден и може да си го одработи летувањето. Додека бил референт во молерска задруга не можел да учи занает, зашто бил репресиран. Ама сега, како претседател, како што е познат по својата златна рака, стругот на Тито ќе го совлада за еден ден. И госпоѓа Вилма нема да одмора. И таа ќе мора да ја почувствува тежината на претседателскиот одмор. На Јованка лесно ли ѝ било. Бриони се ова, не е Паралија. Нема тука – остави ја тавата сабајле и легни на плажа. Треба да се работе! На браварот треба ручек да му се направе. Може и Стипе Месиќ ќе намине, да види како му работат гостите. Семејството Трајковски не смее да се посрамоти. Борис вели дека е ист како Стипе. Затоа и оризарникот што го подготвува Вилма мора да биде прсти да излижеш, за да му се допадне на Стипе.
4. Туку, се сеќава ли некој на Бранко Црвенковски? Го немаше во парламентот, ни збор не му слушнавме за новата влада, за законот за високо образование, за реформата на државната управа. Помина Галичката свадба, а Бранко не се качи на тапан. Помина и Илинден, а наместо Бранко се појави Шеќеринска.
Му станало жешко на Бранко, па си бара дебела ладовина. Сигурно тргнал по шумите да ги лови паравојските што му ги јавуваат општинските комитети. И така ловејќи, легнал под некое дрво. Уште ја прави владата во сенка.