Најмладата пациентка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија има 22 години. Бројот на онколошки пациенти секоја година расте кај нас како и на европско ниво, но останатите пациенти на оваа Клиника се главно на возраст од 60 до 80 години. Помлади пациенти со канцер има на Клиниката за онкологија и во други болници, рече д-р Никола Васев, директорот на Клиниката.
Таму веќе подолг период нема листи на чекање за зрачење и хемотерапија, а во работа е пуштен и новиот линеарен акцелератор, радиотераписки апарат во вредност од 108 милиони денари, инвестиција на Министерството за здравство. Акцелераторот овозможува нова зрачна терапија опфаќајќи ги тумурот и ризичниот простор околу него, а ги штити од ризик другите органи и ја зголемува брзината на испорака на дозата.
„Листа на чекање немаме ни за зрачење, ни за хемотерапија. За време на ковид кризата не вративме ниеден пациент. Зголемувањето на малигните болести во Македонија од 3,6 проценти е на европско ниво. Има една нова компликација по прележан ковид, а тоа е миокардитис, запаление на срцев мускул. Кај наши пациенти кои по случаен избор сме ги праќале на контрола е утврден мал процент на зголемување. Од постковид компликациите кои сега ги знаеме, само 17 проценти се повеќе кај онколошките пациенти“, рече Васев.
Запрашан кога ќе проработи акцелераторот во ГОБ „8 Септември“, тој рече дека ќе гледаат тоа да биде најитно, но освен апарати, потребен е и обучен кадар техничари и доктори.
Министерот за здравство Бекир Сали, кој присуствуваше на промоцијата на новиот апарат, рече дека мерката за носење маска во болници, аптеки и домови за стари лица останува сè додека на дневна основа има 80-90 новозаболени од ковид-19.
Ж. ЗДРАВКОВСКА