СОЦИЈАЛЕН ОРДЕВЕР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:111:"Добратавесте:Љубчоќесиоди.Лошатавесте:Бранкосевраќа

    1. Во времето на СДСМ Бранко пред изборите делеше учебници за учениците. Овие сега се подобри. Делат пакети со храна за учителите. Тогаш владата бараше учебниците да се враќаат. Оваа влада не бара од учителите храната да им ја враќаат. Можете да замислите на што би личело тоа?
    Затоа сега државните службеници ќе можат во релаксирана атмосфера да им се сладат на кашкавалот, сирењето и сувомесните. Домаќинките од брашното ќе прават мекици. Зимава буџетарите ќе имаат социјален ордевер. И ќе може да озборуваат како уште Таки Фити им го укина К-15, а сега Никола Груевски не сака да им го даде.
    Министерот за социјална политика Бедредин Ибраими рече дека во пакетот нема да има и пиперки. Штета. Министерот нема чувство за традиција. Правењето ајвар како традиција изумира. Сега беше вистинскиот момент Владата да даде квалитетен поттик кон зачувување на историските вредности и возобновување на традицијата. Затоа, дајте пиперки. Не оди сирење и кашкавал, а на лепчето да не намачкаш и ајвар.

    2. Наместо за време на кампања за локални избори да се води дебата во кои делови од општините ќе се поставуваат тенџерињата и ќе се палат огновите за печење пиперки, политичариве се фатиле да ја спасуваат државата. Па Мендух Тачи порачува дека ако Македонците гласаат за политичари што нему не му се допаѓаат, тој ќе прави војна. А Бранко Црвенковски вели дека кога македонскиот народ еднаш ќе се крене, “тргнете се од патот, ништо не може да го запре”.
    Ало! За локални избори правиме муабет, или за некоја војна. Тогаш не е чудно што Гуштеров за кандидат за градоначалник на Скопје го поставува генералот Манолев. Или, пак, Стојменов во штабот се потпрел на воените доктрини на генералот Митре Арсовски.
    Туку, ако за локални избори се исфрлаат кандидати – генерали, што ли ќе избираме за следните парламентарни? Маршал!?

    3. Нема зафрканција. Особено ако од рекламните билборди ти се смее лице во војничка униформа. А од ТВ-спотот ти порачуваат да гласаш за градоначалник што пробива ѕидови. Веднаш помислуваш дека си во Латинска Америка. А не си. Затоа што тамошните генерали се диктатори. А Манолев е либерален генерал.
    Убаво е да избереме генерал – воздухопловец за градоначалник на Скопје. Ќе заведе војничка дисциплина. Со него Скопје ќе полета. Или, нема ни пиле да пролета.

    4. Во никој случај немојте да ја пропуштате следната епизода од хумористичната емисија “Подобар живот”. Ја емитуваат секоја вечер во 19.30 часот на Македонската телевизија. Главната улога ја игра премиерот Љубчо Георгиевски. Тој на Денот на рударите, наместо во Пробиштип, оди во Прилеп и гледа површински коп на мермер. Потоа отвораше продавници, а на враќање во Росоман гледаше како се полнат бабури во тегли за извоз. По секоја таква работна победа на која беше сведок, тој даваше изјави.
    Потоа, во епизодна улога се појавува претседателот Борис Трајковски. Шета по пазарите низ Берово и ги прашува пазарџиите: “Од дек си бе?”.
    На крај се појавуваат правоверните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и како пред стрелачки вод, еден по еден, во камерата кажуваат дека тие не преминале ниту, пак, мислат да преминат кај Змејковски.
    Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски ја нападна Македонската телевизија за ТВ-Дневникот од типот на “Подобар живот”. Изгледа дека во негово време не ги гледал вестите. Немаше време. Пушташе чешмичиња и асфалтирани улички низ Дебарца. Ние знаеме. Гледавме.
    Затоа, баш ми е гајле за локалниве избори. Па и да предизвикаат предвремени парламентарни. Добрата вест би била: Љубчо ќе замине. А лошата: Бранко ќе се врати.

    5. Сега во ДА гледаат кој како да го фати возот. А возот замина. Портпаролот на ДА Слободан Чашуле рече дека Коалицијата за промени за прв пат ќе дала сериозен отчет пред јавноста за тоа што е остварено, но и за тоа што не е. Ќе се разговарало и за точката – корупција. “Први ќе ги тргнеме од власта таквите, доколку се во неа”, рече Чашуле. И – остана.

    6. Досегашниот заменик-министер за надворешни работи Никола Димитров си даде оставка и премина на работа во кабинетот на претседателот Борис Трајковски. И Трајковски на претседателското место дојде откако беше заменик-министер за надворешни работи.
    Отсега кабинетот на шефот на државата ќе се вика кабинет на бивши заменици-министри.

    7. Министерката за внатрешни работи Доста Димовска вчера ги испратила полицајците во “Алкалоид”. Таму има многу козметика. Доста решила да прави третман. Полициски.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира