1. Кој победи. Нашите!
Здружената опозиција веќе си ја прослави победата. ВМРО-ДПМНЕ и ДА ќе почнат и по две прес-конференции дневно да свикуваат за да нè убедат дека тие победиле. Народот е во еуфорија, демек, го казнил Љубчо. Исто како што пред две години го казни Бранко. Останува уште да сфатиме дека самите ќе си ја издржуваме казната. Впрочем, има ли поголема казна од таа изборот да ти се сведе на Бранко, или Љубчо.
И Албанците си го имаат истиот проблем. И тие имаат две партии, кои ја имаат истата цел – по секоја цена да се дограпчат до власта. Само што Албанците тоа го прават со пукање на сретсело. А Македонците со пеење на плоштад и со играње оро. Сè заедно – селска свадба.
2. Да не има Љубчо некој советник од СДСМ? Тој да не го советувал неколку дена пред изборите да ги урива дивоградбите на првиот човек на градскиот СДСМ Љупчо Палевски – Упа?
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можат еден без друг. Како убаво си се надополнуваат.
Ако Љубчо сакаше да го казни Упа, можеше да го урива уште додека се градеа становите. Или, барем кога сите медиуми пишуваа дека тие се дивоградба. Или, имаше доволно време додека станарите упорно чекаа Упа да им ги даде клучевите, па на крај влегоа во зградата и без технички преглед.
Не. На Љубчо му требаше уривањето токму сега. Да докаже дека државата е херој, бидејќи којзнае колку внимава на законите.
И на Упа му требаше уривањето сега, кога беше на листата на советници. Да биде херој, затоа што е политички репресиран. За да го изберат, затоа што македонскиот народ сака маченици. А Љупчо Палевски е голем маченик. Бидејќи кога државата урива дивоградби, тоа е удар врз демократијата.
Само на граѓаните им е супер. Навистина, им ги урнаа становите, ама барем полицијата примени нежни зафати.
Уривањето се случи дента кога се врачија првите решенија за денационализација. Така што исправањето не една историска неправда не можеше никој да го забележи од ударите на токмаците и пискањето на избезумените станари.
Странците го фалат Љубчо дека е реформист. Почна да ги враќа заробените девизи, ги врати осумте отсто на пензионерите, ги продаде загубарите, го донесе Законот за денационализација, воведе современ даночен систем…
И пак се фати со токмаци.
3. И Македонската телевизија континуирано работи на уривањето на владите.
Во 1998 година, спроти изборите го викна Киро Глигоров да го озборува Циле за клавирот на син му и името и – СДСМ загуби.
Сега МТВ, во изборниот молк го викна директорот на Светската банка да ни каже колку добра влада имаме. И ВМРО-ДПМНЕ загуби.
4. Портпаролот на ДА Слободан Чашуле толку уверливо објаснуваше дека Коалицијата за промени води по првиот круг, така што дури и Данило Глигороски, кој од почетокот се чудеше, на крај поверува на математиките на неговиот колега. Иако Глигороски е математичар, Чашуле подобро се снаоѓа со бројките од него.
Глигороски, според некоја негова метода на истражување, открил дека 90 отсто од тие што гласале за здружената опозиција биле анти-НАТО и антиевропски настроени. Е како можеа да бидат толку исти со СДСМ? Се сеќавате кога Ѓорѓи Спасов откриваше дека тие што гласале за Коалицијата за промени биле пробугарски и проалбански настроени?
Очигледно, користат иста метода.
5. Многу е логично објаснувањето дека инцидентите на гласачките места за време на првиот круг на изборите ги предизвикала нервозната опозиција. Луѓето биле толку нервозни што пукале самите на себе. Тоа ти е исто како кога викаш: Ама сум нервозен, ќе се убијам. И така опозиционерите сами си се ранувале. Тие што биле ептен нервозни си испукувале рафал во себе. А за колективна нервоза лекот е – бомба.
6. Претседателот на Изборната комисија Јосиф Луковски не бил надлежен да ги брои гласовите, па порача секој сам да си ги брои. Тоа е вистинска демократија. Што има тука некој да ти ги брои гласовите. Кога сам си броиш, нема можност од манипулација.
Предлагам господинот Луковски да се конзервира за да се зачува за идните генерации. Еден ден кога и во Македонија ќе има демократија, на Луковски ќе им покажуваат како било кога сме почнувале со демократијата.
7. Изборните резултати први ги признаа бугарските стриптизети што работеа во еден ноќен бар во центарот на Скопје. Уште во неделата, се облекоа и си заминаа. ВМРО-ДПМНЕ изгуби и Бугарките се повлекоа.
Сега на Табановце, подготвени со куферите долна облека, стојат во ред да влезат во Македонија српски стриптизерки. Ги чекаат конечните резултати од изборите. Ако го чекаат Луковски да им ги каже резултатите, во баровите ќе ни се соблекуваат пензионирани стриптизерки. Паметни се Бугарките. Си ја ценат младоста.