ФИЛМСКИ НОВОСТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:211:"Зоштопредполицискатастаница"Карпош"непостелатцрвентепих,паоскаротнабудалштинатадазасветисосиотсјај?

    И Путин попушти и го призна Коштуница за претседател на Југославија. Само Ѕинго го чека вториот круг. “Така пишува штампата”.
    Македонија е прекрасна земја. Нема позабавна држава на светот. Секое утро не знаеш каква глупост ќе ти донесе денот. Преминат е прагот на будалштините. Толку ни е интересно што веќе на мајтап гледаме дури и кога човек го водат на информативен разговор во полициска станица.
    Во журналот на “Филмски новости”, по директорот на Комерцијална банка Хари Костов, неделава гостуваше поранешниот министер Борис Стојменов. Појавувањето на директори пред полициската станица “Карпош” во Скопје сè повеќе личи на церемонијата на доделување оскар. Има рефлектори, многу ТВ-камери, светкаат блицови, се подметнуваат микрофони, ѕвездите доаѓаат во луксузни автомобили со придружба и насмеано одговараат на хистеричните гласови што се слушаат… Бидејќи “Карпош” му доаѓа нешто како “Шрајн аудиториумот” во Лос Анџелес, недостига уште само да се постеле црвена патека. Во целиот циркус, главниот забавувач Љубе Бошкоски му доаѓа нешто како шеф на филмската академија. Зашто, ѕвездите што се сликаат и даваат изјави само се надеваат, а само тој ги знае вистинските добитници на оскарот.
    Сега, откако МВР ги пронајде директорите што најсериозно ја загрозуваат сигурноста и безбедноста, граѓаните можат мирно да спијат. Власта нема да ги вознемирува со телевизиски снимки од убијци и терористи. Затоа што тие не им доаѓаат на информативни разговори.
    Еве, на пример, Љубе Бошкоски би се позанимавал и со Фезли Велиу, осомничен за некакви бомбашки напади, ама заскитало писмото на министерот за правда Џевдет Насуфи. Германците мислеле дека Велиу е некој важен, па го притвориле и чекале писмо да ни го вратат, ама писмото не стигнало и го ослободиле.
    Министерот Насуфи вели дека за случајот Велиу е виновна поштата. Писмото доцнело. Германските пошти, нели, тоа е општо познато, се нередовни, а нивните поштари исклучително бавни. Не за џабе се вели прецизни како Германци или германска дисциплина.
    Што се однесува, пак, до убијците од селото Кондово ни Министерството за внатрешни работи ни Министерството за правда немаат никакви сознанија. Веројатно убиецот уште не стигнал до некоја германска граница за да го фатат тие.
    Сега премиерот Љубчо Георгиевски треба да го смени министерот за правда. Ама тоа нема да се случи. Може само да му го смени името на министерството. А за да не настане дипломатски инцидент, Германците може ќе го сменат министерот за сообраќај. Или барем некој поштар.
    Лесно му е на Велиу. Тој си има поштар – чувар. Тешко им е на македонските директори. Ним поканите за средба во “Карпош” не им ги испраќаат по пошта. Им испраќаат гласници.
    Во недостиг на поштар, нашите си го имаат Циле. Ама тој не е секогаш тука. Затоа Љубен ги организира средбите во омилената полициска станица кога Тупурковски не е дома. Единствен спас од брат Љубе им е да одат на пат заедно со него. Да фатат џаде.
    Циле нема проблем со губење на поштата. Проблемот е што тој се губи.
    Каде е Бранко? Нели му ги броеше деновите на Љубчо до 1 октомври. Арно ама, 1 октомври беше недела. А во недела никој не работи.
    Затоа тука е Петар Гошев. Еве го споменуваат во некакви анкети за можен премиер на техничка влада.
    Гошев во 1990 година имаше 67 пратеници, па не сакаше да биде премиер, зашто му местеле министри и ќе бил искористен за еднократна употреба.
    Сега има само еден пратеник. Ако тогаш му местеле министри, сега ќе му ја издиктираат цела влада.
    До каде е дојдено новинарството штом Станинов дели награди за најобјективен новинар во државата? Замисли тој да ти даде награда за најобјективен новинар.
    Налет и награда и објективност.
    П. С. Морам да кажам дека си замина човекот што пред девет години ја измисли “Сакам да кажам”. Ацо Ивановски, кој тогаш ми беше главен уредник во “Вечер”, дојде да ми помогне и во “Вест”, но во понеделникот почина.
    Сакам да кажам многу работи за него, но страв ми е да не бидам патетичен. Тој тоа не го сакаше. Беше многу скромен, така што и сега би се налутил и би рекол:
    “Што има да ги заморуваш читателите со мене?” Секогаш викаше: “Многу тртљаш! Кажи едноставно што сакаш да кажеш”.
    Е па, Ацо, си кажав.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира