НЕМА ИНЦИДЕНТ ПО ПОСЛЕДНОТО ВРАЌАЊЕ НА БОРЦИТЕ НА ИСИС, ДЕЦАТА ИМ ЗАВРШИЈА ШКОЛСКА ГОДИНА, ФИРМИ ЌЕ ГИ ВРАБОТУВААТ РОДИТЕЛИТЕ

    НЕМА ИНЦИДЕНТ ПО ПОСЛЕДНОТО ВРАЌАЊЕ НА БОРЦИТЕ НА ИСИС, ДЕЦАТА ИМ ЗАВРШИЈА ШКОЛСКА ГОДИНА, ФИРМИ ЌЕ ГИ ВРАБОТУВААТ РОДИТЕЛИТЕОние повратници кои веќе ги одлежаа затворските казни, се соочија со ризик никој да не сака да ги вработи. - Од полициската акција „Ќелија“ (Фото: МВР)

    Децата на борците на ИСИС кои се вратија минатата година во својата држава заедно со родителите, мајките и татковците кои ѝ се предадоа на полицијата, веќе се во образовен процес и одлично се прифатени од средината. Од боиштата се вратија досега 70-тина борци, сопругите на петмина од нив, со 14 деца.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, националниот координатор за борба против екстремизам и насилен тероризам Златко Апостолоски вели дека сè уште на боиштата има наши државјани и оти точно се знае каде се, но тие засега не се заинтересирани да се вратат во Македонија.

    Нова репатријација нема, но со досегашните повратници и со нивните соседи, потоа со наставниците, педагозите и психолозите и во училиштата каде тие деца почнаа да учат, се работи интензивно, вели координаторот Апостолоски. Ресоцијализацијата и реинтеграцијата во средината во која живеат е многу важна задача на нашата држава, која не смее да ризикува да не ја исполни. Дека е на добар пат да го оствари тоа зборува и фактот дека никаков инцидент нема по нивното враќање, ниту во училиштата, ниту со соседите на повратниците, проблем е вработувањето на бившите борци, егзистенцијата.

    Во овој чувствителен проект кој се води под палка на Апостолоски, односно на Владата, активностите на терен ги вршат центрите за социјална работа и неколку невладини организации. Поради безбедносен ризик, детали од работата со овие поранешни борци во Ирак и Авганистан и со нивните семејства, тие не соопштуваат.

    Оние повратници кои веќе ги одлежаа затворските казни, се соочија со ризик никој да не сака да ги вработи. Но, и за тоа се прават напори и веќе има резултати. Бизнисмените кои се охрабриле да им пружат рака на повратниците од ИСИС, сепак бараат безбедносна гаранција за компанијата, од страна на државата.

    „Веќе сме донеле стандардни оперативни процедури врз кои ќе работиме за постпенален третман. Јас како национален координатор имав една средба со претставници на бизнис-заедницата од северозападна Македонија, имав можност да се сретнам со нив на еднодневна работилница и го отворивме прашањето на кој начин тие како бизнис-зедница може да помогнат за евентуално решавање на социјалните проблеми на овие луѓе откако ќе ја издржат казната затвор. Дали постои можност да ги вработат и под кои услови. На мое изненадување, работилницата беше предвидена да трае отприлика три часа, останавме седум часа да работиме и да разговараме на оваа тема. Се пројави добра заинтересираност од страна на бизнисмените кои присуствуваа на таа работилница. Изразија спремност да учествуваат во овој проект ако државата на ваков начин приоѓа кон овој проблем и ако државата будно ги следи сите безбедносни предизвици кои може да произлезат од овие граѓани и секако, да гарантира за безбедноста на компаниите кои ќе прифатат вакви граѓани за да ги згрижат и да им дадат шанса таму да работат“, вели Апостолоски и додава дека како држава не би биле сериозни ако не си го преземеме делот од обврската која е наша. И нормално дека ја преземаме таа обврска и затоа ги правиме сите реформи во безбедносниот систем за со висок степен на будност да ги следи овие работи, за да превенира, а не да лечи, зборува тој.

    Во рамките на проектот, невладината „Хоризон Сивитас“ организираше работилница за дијалог на членови на семејства на лица осудени за криминал поврзан со борби на странски боишта (во Сирија и Ирак), и јавните институции, т.е. членови на комитетот од канцеларија на Националниот координатор. На оваа работилница требало да се идентификуваат приоритетите за иницирање на програми за реинтеграција и ресоцијализација.

    „Работилницата исто така имаше за цел да создаде простор за членовите на семејствата да можат да ги искажат проблемите што тие ги се сретнале и сè уште се соочуваат како резултат на целиот процес кој е поврзан со нивните осуден член на семејството. На неа учествуваа 27 членови на семејствата од 19 случаи и четворица членови на Националниот комитет за превенција од насилен екстремизам и тероризам. Работилницата се состоеше од две активности: презентации од двајца обучувачи за важноста на родителството и работа во мали групи каде членовите на семејството заедно со членовите на Националниот комитет, поделени во четири помали групи, дискутираа за проблемите што може да се решат. Заедно дефинираа приоритети за започнување со реинтеграцијата и ресоцијализација“, се наведува во извештајот на „Хоризон Сивитас“.

    На крајот, работата на секоја група била презентирана и сумирана во писмо за приоритети, кое им било врачено на засегнатите страни (Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и тероризам и меѓународните организации кои работат на ова поле), со цел да се преземат чекори за нивно спроведување.

    Било забележано дека проблемите и потребите изразени во секоја помала работна група се слични по природа.

    „Според тоа, приоритетите дефинирани во работните групи беа категоризирани во четири подтеми, како: здравствени, правни, социјални и економски“, открива „Хоризон Сивитас“.

    Очекувањата од јавните институции се дека треба да го олеснат одредувањето приоритети со Владата и да се преземат чекори за нивно реализирање.

    Интересно е што извештајот забележува довербата на овие семејства кон државните институции. Но, тие се жалат од известувањето на медиумите за нив.

    „Друго суштинско барање на кое укажаа беше во однос на медиумската стигматизација, направена од непрофесионално известување во медиумите, поврзано со нивните случаи“, се вели во текстот.

    Следењето на повратниците од кризното подрачје во Сирија, Ирак и од т.н. Исламска држава, е процес кој зависи од повеќе институции во државата. Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам, непосредно координира со сите тие институции во однос на тоа како ги третираме, како ги прифаќаме и како работиме со повратниците , жените, децата и нивните семејства.

    „Значи тоа моментално во Македонија е плански организиран процес. Не е препуштен никако на стихија. Сите репатријации што сме ги направиле на странски терористички борци, жени и деца, се направени врз основа на план. Можам да кажам дека сме ако не прва, меѓу првите држави кои репатријацијата ја извршивме врз основа на стандардни оперативни процедури одобрени од страна на Владата, секој чекор на репатријацијата беше однапред испланиран. Доаѓањето на странските терористички борци, нивните жени и деца во јули лани кога се случи последната репатријација, беше во детали испланирано, нивното прифаќање и сместување исто така“, вели националниот координатор.

    Во однос на регионалната состојба, таа е различна кај секоја држава. Босна и Херцеговина има највеќе вратени жени и деца , па потоа е Косово, Албанија, па ние. Сите што биле дојдени тука, после сместувањето, карантин, здравствени прегледи, разговори со жените, со децата, сите се вратиле назад во своите семејства.

    На прашање како се, како поминаа децата на училиште Апостолоски вели дека од она што го добива како информации од луѓето кои работат со нив, сега засега сите процеси се одвиваат онака како што испланирал со Владата да течат тие процеси.

    „Центрите за социјална работа се тие кои се на врвот, кои се на првата линија во реализација на зацртаните активности од страна на државата. Но тоа не значи дека Центрите се оставени сами на себе да го туркаат овој процес. Напротив, тука го имаме Министерството за образование, Министерството за локална самоуправа, верските заедници и невладиниот сектор ни се вклучени, два конзорциума имаме кои имаат обезбедено грант од меѓународна донаторска организација (МЦМС и Млади правници), кои во целост учествуваат во процесот на ресоцијализација и реинтеграција на семејствата, жените и децата на повратници од странските боишта“, вели тој.

    Паралелно се врши и превенција на младите за да не се радикализираат, иако впечаток е дека таа појава е спласната за разлика од периодот до 2016 година.

    „Јас сум дојден овде од 2017 година, како заменик-национален координатор. И тогаш учествував во проектите за тоа што ќе правиме во образованието, во средните училишта и на факултетите, за да го намалиме степенот на влијание од лидерите кои шират радикални идеи во овие средини. На наша среќа, наидуваме на одлично разбирање кај партнерите, дипломатските претставништва, меѓународните организации, во реализацијата на овие проекти. Од нас се бара да имаме идеја. Ако се третира работата од луѓе кои ги знаат овие процеси тогаш идеите сами доаѓаат. Ние веќе во основните, во средните и во високообразовните институции имаме реализирано неколку проекти за обука на наставниците за рано препознавање на радикализација. Не сме престанале со таа иницијатива да вршиме и натамошна обука на педагози, социолози, просветни работници, дури ќе одиме натаму да организираме и работилници на кои ќе се договориме за изготвување на прирачници. Тие прирачници би се користеле кај младината, ќе бидат бесплатни и ќе им се отстапат на факултетите, на кои тие ќе имаат можност да се запознаат што претставува радикализмот, кои се негативните последици и како тие како млади луѓе би се заштитиле од евентуален обид за нивна радикализација. Тие прирачници нема да бидат тешки за читање, ќе бидат илустративни“, вели Апостолоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира