НАРОДОТ СЕ ПОДЕЛИ НА ВМРОВЦИ И КОМУЊАРИ, ЕВРОПЕЈЦИ И РУСОФИЛИ, АЛБАНОФОБИ И БУГАРОФИЛИ, КАЖА ЏАФЕРИ ОД ПЕЛИНЦЕ СО ПОРАКА ДА ЈА ЧУВАМЕ МАКЕДОНИЈА

    НАРОДОТ СЕ ПОДЕЛИ НА ВМРОВЦИ И КОМУЊАРИ, ЕВРОПЕЈЦИ И РУСОФИЛИ, АЛБАНОФОБИ И БУГАРОФИЛИ, КАЖА ЏАФЕРИ ОД ПЕЛИНЦЕ СО ПОРАКА ДА ЈА ЧУВАМЕ МАКЕДОНИЈАНиту една друга држава не наиде на поголени препреки како Македонија на патот кон НАТО и ЕУ како Македонија, кажа Џафери од Пелинце. (Фото: МИА)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери од меморијалниот центар Пелинце денеска кажа дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат, тешки одлуки се носат и дека секоја таква нова тешка одлука фрустрира.

    „Додека се подготвував за овој голем ден за нашата земја и се навраќав на моите обраќања од минатите одбележувања на Илинден, било да сум бил тука на Пелинце, во Крушево, или пак на плоштадот во Скопје или пак пред законодавниот дом, во секое од нив забележав дека стоеше фразата ‘ова беа можеби најтешките години за земјава… беа донесени најтешките, најважните одлуки за земјата, за граѓаните…’ Тоа ме наведува да помислам, верувам и вие го помислувате истото, дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат. Никако не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат. А секоја нова тешкотија, секоја нова пречка е тест за државата, тест за институциите и за граѓаните, и се разбира дека тоа фрустрира“, кажа Џафери кој е долго во политиката.

    На празнувањето во Пелинце, тој кажа дека само Македонија наидува на препреки на својот евроатлантски пат, кои го поделија и го разјадуваат општеството. Но, кажа дека идентитетот не е нешто што се дава и одзема.

    „Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО и во Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, а тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел. Сепак, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато, и тоа не на лесен начин и предадено во аманет. Луѓе кои и во најцрните сценарија гледаа светла точка и подотворена врата на можности за зачувување и зацврстување на темелите на државата, на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Верувам дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија“, рече Џафери.

    Исто како од говорница што им збори на завојуваните пратеници, така и денеска потсети дека имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира