Русија тајно потрошила над 300 милиони долари од 2014 за да влијае врз политичари во најмалку 24 држави, објави Стејт департмент. Извештајот се базира врз декласифицираните проценки на американските разузнавачи.
„Мислиме дека тоа е само врвот на ледениот брег. Овие проценки се минималната сума и Русија најверојатно префрлила и дополнителни средства кои останале неоткриени“, изјави висок функционер од администрацијата на Бајден, кој бараше да остане анонимен.
Тој додаде дека американските разузнавачи сега приватно разговараат со избрани земји за наводното тајно финансирање од Русија. Овие разговори ќе останат тајни.
Русија досега не ги коментираше овие наводи, но во минатото, САД често ја обвинуваа за мешање во други држави.
Извор упатен во извештајот изјави дека Русија потрошила 500.000 долари за поддршка на Демократската партија на Албанија пред изборите во 2017 и плаќала партии и поединци од БиХ, Црна Гора и Мадагаскар. Се наведува и случај на една азиска држава, каде што руски амбасадор му исплатил милиони долари во кеш на еден претседателски кандидат.
Кремљ притоа го користел Брисел како центар за фондации и други фронтови кои поддржуваат крајнодесничарски кандидати, а фиктивни компании биле користени за да се финансираат европски партии и да се купува влијание.