Владата на денешната седница усвои сет антикризни мерки за справување со енергетската и ценовната криза, соопшти премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција по седницата. Со мерките, целта е да се помогнат најранливите групи граѓани во претстојната зима која што ќе биде најтешка досега, додаде Ковачевски.
„Ова е најтешка криза по Втората светска војна. Знам дека сите граѓани се загрижени, ќе биде тешко кај нас и во другите земји. Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и фирмите и донесовме сет на мерки во вредност од 350 милиони евра за справување со енергетската и ценовната криза. Усвојуваме таргетирани мерки за помош на најранливите групи граѓани. Не е време на изобилие, туку на солидарност“, изјави Ковачевски.
Во наредните 4 месеци, по 3 илјади денари месечно треба да добијат корисниците на социјална помош, помош за попреченост, посебен додаток, нега од друго лице и невработените и оваа мерка опфаќа 42 илјади граѓани и ќе чини над 8 милиони евра. По 1.500 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои добиваат пензија до 11.525 денари, а тоа се над 91.600 пензионери. По 750 денари ќе добијат пензионерите со пензии од 11.525 до 14.000 денари, а такви се над 66 илјади пензионери. За оваа мерка се издвоени 12,2 милиони евра.
Овие мерки треба да поминат во Собранието.
„Очекувам дека сите пратеници, освен Левица, ќе бидат на ниво на задачата и што побрзо ќе ги усвојат овие законски измени“, кажа Ковачевски.