ДЕЛ ОД СПОМЕН-КУЌАТА НА ЛИЧЕНОСКИ ЌЕ СЕ ОТВОРИ В СРЕДА СО СТУДЕНТСКА ИЗЛОЖБА

    ДЕЛ ОД СПОМЕН-КУЌАТА НА ЛИЧЕНОСКИ ЌЕ СЕ ОТВОРИ В СРЕДА СО СТУДЕНТСКА ИЗЛОЖБАСеријата настани кои ќе се одржат во Спомен-куќата на Личеноски започна со снимањето на уметничко – танцово видео на музика од триото Зулу 3.4О./Објектот е во подножјето на Скопското кале, кој беше семејна куќа на сликарот. (Фото: Европска куќа/К. Попов)

    Дел од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија, ќе биде отворен на 9 ноември, (среда) како дел од активностите од роденденската програма на Европската куќа во Скопје (Europe house).

    Објектот во подножјето на Скопското кале, кој беше семејна куќа на еминентниот сликар, од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).

    Директорката на Галеријата, Дита Старова-Ќерими ни рече дека само еден дел од Куќата ќе биде отворен и тоа одреден период, со оглед на тоа дека не е завршен процесот на обнова.

    В среда, од 12 до 14 часот ќе биде отворена студентска изложба инспириана од ликот и делото на Личеноски.

    „Со свеж пристап и различни уметнички творештва, студентите и професорите од Факултетот за ликовни уметности ќе ја изложат својата визија, интерпретирајќи ги ликот и делата на Личеноски“, велат од Европска куќа.

    Спомен-куќата е градена од 1961 до 1963, по проект на архитектот Славко Брезовски. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.
    Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата во Спомен-куќата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.

    „Спомен-куќата после долго време повторно ќе биде домаќин на уметничкиот свет, па во соработка со Национална Галерија помогнавме да го покаже својот шарм преку акција за чистење. Серијата настани кои ќе се одржат во спомен – куќата на Личеноски започна со снимањето на уметничко – танцово видео на музика од триото Зулу 3.4
    Склопот на танчерите и музичкиот избор е алката помеѓу културното наследство и уникатниот звук кој преку спој на различни стилови и користење на модерна технологија, ја претставува денешната прогресивна младина“, додаваат од Европската куќа.

    Личеноски (26.03.1901, Галичник – 10.04.1964, Скопје) се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Еден е од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж („Бачила”, „Долап”, „Афионски полиња”, „Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликал мртва природа и портрети, а создавал и мозаици. Заедно со Димитар Пандилов-Аврамовски и Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира