КАКО МЕ УБУТАВТЕ МЕНЕ НА ИЗЛОЖБА НА МАКЕДОНСКИ БУГАРИ, ПРАШУВА СЛИКАРОТ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ И БАРА ОД БУГАРСКИОТ КИЦ ВО СКОПЈЕ ДА ГО ТРГНЕ ДЕЛОТО И НЕГОВОТО ИМЕ

    КАКО МЕ УБУТАВТЕ МЕНЕ НА ИЗЛОЖБА НА МАКЕДОНСКИ БУГАРИ, ПРАШУВА СЛИКАРОТ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ И БАРА ОД БУГАРСКИОТ КИЦ ВО СКОПЈЕ ДА ГО ТРГНЕ ДЕЛОТО И НЕГОВОТО ИМЕПенушлиски вели дека сликата ја насликал на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години, и дека од изненадени пријатели дознал оти неговото име стои и на излогот на центарот. (Фото: К. Попов)

    Уметникот Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари, јавно ја замоли Галичката ликовна колонија да го повлече неговото дело кое е поставено во бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје и од Центарот да го избрише неговото име од излогот. Сликата е дел од изложбата „Заедно“, која на 25 ноември беше отворена за промоцијата на новите простории на бугарскиот КИЦ.

    Пенушлиски во јавната реакција вели дека сликата ја насликал за време на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години, и дека од изненадени пријатели дознал оти неговото име стои и на излогот на центарот.

    „Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа. Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари. А на таа изложба ме убутале и мене. Сè додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја ‘културна соработка’ ќе биде травестија“, реагира еминентниот уметник.

    Пенушлиски е сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули.

    Новите простории на бугарскиот КИЦ  на 25 ноември ги отворија министерите за култура на Македонија и Бугарија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Велислав Минеков.

    „Во новите простории на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, посакувам да се всели нова енергија во македонско-бугарските културни релации и со убава емоција да се разгори страста за уметничка креативност како ’поле за културен натпревар‘ во кој победник е културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    Центарот се отвори со изложба на дела од современи уметници од Македонија и од Бугарија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира