Дела од македонскиот композитор и автор на филмска музика Љубомир Бранѓолица, кој во август наполни 90 години, се поставени во дигитална форма на онлајн платформата ljubomirbrangjolica.wixsite.com/brangjolica, заради евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат. Авторот на овој проект, Андреј Блажевски, вели дека целта е да бидат трајно зачувани, а со тоа и да се отстрани ризикот од нивното евентуално губење, или самоуништување, т. е распаѓање на хартијата.
„Со изработка на специјалната архива за самиот композитор, како и и поставување на неговите дела на онлајн архивата, тие стануваат достапни за музичката, научната и пошироката јавност, а верувам дека тоа ќе придонесе и за подигање и јакнење на музичката култура кај нас“, вели Блажевски.
Во првата фаза на проектот (од 2019 до 2021) биле комплетирани и документирани сите негови дела, кои можеле да се пронајдат во неговиот личен архив. Во овој период беа дигитализирани и јавно објавени на онлајн архивот ISSUU (https://issuu.com/andrejblazevski1), вкупно 154 дела, коишто припаѓаат на неговото „класично” творештво.
Втората фаза траела од 2021 до 2022 и биле дигитализирани 225 дела, насочени кон неговото вокално творештво, композиции од областа на популарните жанрови и композиции за Биг- Бенд оркестарот. Секој дигитализиран документ подложел кон понатамошна дигитална обработка.
„За одредени дела кои беа пронајдени во лоша физичка состојба беа употребени дополнителни фотодигитални техники со цел отчитување на нотографскиот материјал од самиот материјал – (партитура). Севкупниот дигитализиран материјал е предаден на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ), МАНУ и НУБ ‘Св. Климент Охридски’“, додава Блажевски.
Од проектот произлегол каталог со список на дела од Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети.
„Постојат дела од авторот Бранѓолица, за кои знаеме дека се создадени и изведени, но за сега не успеавме да пронајдеме нотен запис од нив. Оваа интернет архива содржи евидентирани и дигитализрани дела кои ги најдовме и се во домашниот архив на композиторот Бранѓолица. Во оваа фаза беа вклучени сите податоци кои беа познати, впишани на самата партитура како на пример, автор на текст, година на создавање итн. За преостанатите податоци и дополнување потребни се дополнителни музиколошки истражувања и анализи, кои верувам дека би резултирале со создавање на еден обединет сеопфатен музиколошки труд за ликот и делото на композиторот Бранѓолица“, вели Блажевски.
Б. НЕСТОРОСКА