Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска е на листата на 100 највпечатливи книги за 2022 во Франција, која ја објави француското книжевно списание „Лир“ (Lire). Книгата на француски јазик излезе на 8 септемрви, во издание на прочуената издавачка куќа „Галимар“ од Париз. Ова е првпат дело од македонски автор да биде издадено од овој водечки француски издавач што постои 111 години. „Мојот маж“ на француски ја преведе Марија Бежановска.
„Мојот маж“ е четврта збирка на Бужаровска, а во Македонија во 2014 ја издаде „Или-или“. Досега е преведена на 13 јазици, а следат и преводите на шпански, португалски, бугарски, полски и грчки, а грчкиот издавач „Дарданос“ ќе објави 3 нејзини збирки.
„Мојот маж“ лани во март излезе и на германски во издание на „Зуркамп ферлаг“ и беше книга на неделата во Германија, според угледниот неделник „Шпигел“. Оваа книга се смета за најуспешно издание од сите регионални автори објавени на германски за територијата на Германија, Швајцарија и Австрија.
„Мојот маж“ е едно од најчитаните дела во земјава, а има и театарски живот – во 2020 во Драмски театар во Скопје го постави Нела Витошевиќ, Ивана Ѓилас во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана и Јована Томиќ лани во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград.
Б. НЕСТОРОСКА