Докторанд од Универзитетот Кембриџ реши санскритски граматички проблем што ги мачеше научниците уште од петтиот век. Дваесет и седумгодишниот Риши Раџпопат декодирал правило што го подучувал Панини, древниот мајстор на санскритскиот јазик кој живеел пред 2.500 години.
Санскритот е јазик што денес го зборуваат само 25.000 луѓе во Индија, која има над милијарда жители. Тој се смета за светиот јазик на хиндуизмот и со векови се користел во науката, филозофијата и литературата.
Раџпопат вели дека имал „еурека момент“ на Кембриџ, откако девет месеци тапкал во место.
„Ги затворив книгите на еден месец и едноставно уживав во летото. Кога се вратив на работа, по само неколку минути почнаа да ми се појавуваат тие шаблони и сѐ почна да има смисла“, кажа тој.
Граматиката на Панини се потпирала на систем кој функционирал како алгоритам за претворање на основата и суфиксот на зборовите во граматички исправни зборови и реченици. Сепак, две или повеќе правила на Панини често се применуваат истовремено, што доведува до конфликт.
Панини подучувал „метаправило“, што научниците со векови го толкувале погрешно. Раџпопат заклучил дека „јазичната машина“ на Панини создава граматички точни зборови речиси без исклучок.
„Ова откритие ќе предизвика револуција во проучувањето на санскритот во времето кога расте интересот за овој јазик“, изјави Винченцо Верџани, професорот по санскрит и супервизор на Раџпопат.