МИЈАЛКОВ СПРОВЕДЕН ОД ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА ЗА ДЕЛОТО ВО „ТИТАНИК 2“ ШТО МУ ЗАСТАРУВА ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ

    МИЈАЛКОВ СПРОВЕДЕН ОД ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА ЗА ДЕЛОТО ВО „ТИТАНИК 2“ ШТО МУ ЗАСТАРУВА ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИМијалков во овој предмет ќе биде само уште 4 месеци, а другите обвинети ќе останат во обвинението. (Фото:К. Попов)

    Затворската полиција од Струга, каде што ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков ја издржува тригодишната казна од случајот „Империја“, утринава го донесе на судењето за „Титаник 2“, каде кривичното гонење за него застарува во април.

    Случајот е во фаза на доказна постапка по вторпат, откако во декември 2019 година Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата од Кривичниот суд со затворски казни.

    Во петокот тој не беше донесен од струшкиот затвор, за што директорот и Кривичниот суд пишуваа преписки дека никој од нив не е виновен. Судот на 14.12. испратил наредба за спровод на обвинетиот за 12.12.2022, место за 22.12.2022 година, во петокот. Кривичниот суд остана на тврдењето дека и покрај направената печатна грешка, доставницата до затворот била насловена за спровод за 22.12.2022.

    Мијалков беше осуден на три години затвор за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.

    Според обвинението на СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.

    Кога ја укина пресудата, Апелациониот суд кажа дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите, кажа тогаш Апелација, во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

    На 8 март 2019, Кривичниот суд го осуди Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца, Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска, исто така, 3 години затвор.

    Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи дополнително и за поттикнување. Нивните кривични дела не застаруваат брзо, како тоа на Мијалков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира