1. Потпретседателот на ДПА Мендух Тачи во Собранието ги испрати новинарите да се лечат во Бардовци. Се пофали дека таму директорот бил нивен човек.
Ако има Тачи свој човек во Бардовци не е лошо малку почесто да му се јавува. Така порелаксиран ќе доаѓа на собраниски седници. Ќе биде умерен политичар. Нема да претерува со политичкиот дијалог. Како што би рекле коалиционите партнери од НСДП, Тачи ќе има само добри денови.
Имаме среќа што директорот на болницата во Бардовци е од ДПА, па Тачи ги испраќа новинарите таму. Замислете Тачи да имаше свој човек во погребалното претпријатие.
2. Опозицијата ја обвини владата дека потрошила милион евра за реклами во странство.
Кога стартуваше кампањата за инвестирање во Македонија, Груевски рече дека тоа е само еден отсто од вредноста што ќе се врати во Македонија како странска инвестиција.
За почеток Груевски инвестира во странски весници. Пазарната логика е: “Фрли рипче, фати крапче”. Ама што ако странски инвеститори навистина дојдат? А Владата не е спремна да ги даде усповите што ги понудила. Можеби краповите ќе се фатат на мамката. Ама ми е страв нашиве да не испаднат кленови.
3. Кога ќе нагрнат инвеститорите, ќе нема каде да ги сместат канцелариите. Затоа ќе се градат три 50-катници во центарот на главниот град. Владата на минатата седница го смисли проектот “Менхетн во Скопје”.
Ние мислевме дека министрите и премиерот многу работат и дека немаат време за забава. Ама тие всушност најлудо се забавуваат на владина седница. Наместо во сабота навечер да одат во диско, тие си одат во влада. Ниту едно диско не нуди таква креативна забава – да си кажеш се што ќе ти падне на памет и тоа да влезе во владина програма. Сто чекори до три педесеткатници.
И така еден министер кажал 10 ката, друг фрлил уште два-триесет, трет побарал катна гаража, четврт се сетил дека треба да има и “џим сали”, а петтиот министер поентирал со висечки мостови што ќе ги поврзат облакодерите.
“Џим салите” се како на њујоршки Менхетн. А висечките мостови меѓу облакодерите како центарот на Минеаполис. Во приказната фали само уште Супермен. Тој лета меѓу облакодерите и се протнува под висечките мостови. Стратегијата на Владата е: Тарзан го брани Битпазар, а Супермен Маџир маало.
4. Красниќи не беше осуден за тероризам. Ама се уште има шанси да лежи затвор. Можеби ќе го фати параграфот за крадење компјутер.
Додека копал ровови се борел за човекови права. А кога крадел компјутер се борел за “оловка”. Револуцијата тече. Поетот станал студент.
5. Македонецот е многу фрустриран од глобализацијата.
Одиш во македонски национален ресторан на Св. Пантелејмон во Нерези и таму свират српски староградски песни и хрватски поп.
Ако одиш во меана во Банско, Бугарија, цело време ти свират македонска народна музика.
Знаете ли која фрустрација е за Македонец кој во Бугарија ќе порача српска песна, а тие знаат само македонски?
6. Баш сме баксузи. Таман ќе се намачиш да извадиш виза, кога – пак проблем. Вчера од 15 полицајци на смена на Богородица, 13 биле уапсени. Нема кој да ти удри печат за да излезеш од Македонија.