Угостителскиот сектор во Охридско-Струшкиот Регион остана без кадар, оти ниските плати ги натераа младите да заминуваат од државата. Недостатокот на стручна работна сила е голем проблем, признаваат и хотелиерите и сопствениците на ресторани, но велат дека не се во состојба да дадат повеќе оти главно работат сезонски и за време на празници, па во време на економска и енергетска криза едвај ги покриваат и основните трошоци.
Меѓу многуте келнери кои заминаа на работа во Хрватска е и 40-годишниот Пеце Симјаноски од Охрид, кој долги години беше препознатлив лик во угостителството низ повеќе ресторани покрај Охридското Езеро. Несериозноста на државата, непочитувањето на законите и ниските плати биле причина после 14 години работа како угостител да замине во потрага по подобар живот. Вели дека корона пандемијата, која најмногу го погоди туристичко-угостителскиот сектор, е причина да ја види реалната слика на вработените кои останале дома на минимална плата.
„Останавме на минималец. Во месеците кога не се одеше на работа и беше навистина голем проблем, се замислив каква ќе ми биде утре мојата иднина. Државата, иако мислам и тврдам дека не треба да ја наречам држава, не можеше да се справи со пандемијата и луѓето кои останаа со минималец и без пензиско и здравстврно осигурање беа принудени да се лечат на приватно. Се прашував како би платил ако требаше да се лечам во приватна болница“, кажува Симјаноски.
Тој вели дека сега како келнер на хрватското приморје зема повисока плата, а има и повисоко здравствено и пензиско осигурување за разлика од Македонија. Процедурата за вработување била брза и лесна, заработувачката висока, а прекувремената работа добро платена.
„Истата работа ја работам во друга држава, но за повисока плата. Тука е 1.400 евра со обезбедено сместување и ручек, а во Охрид 600 евра. Значи од самиот почеток земаш дупла плата, а на таа сума си осигуран и пензиско и здравствено, што секако е една убава сигурност за пензионерските денови. Веднаш добив сместување и тоа многу убаво со платени режиски трошоци и плус платен оброк кој може да се бира, бидејќи имаш понуда од три вида храна. На работа се љубезни и што е многу битно се работи девет часа и ни минута повеќе, оти ресторанот затвора на полноќ. Бакшишот е дупло поголем отколку кај нас, а имаш и бонуси и најважно од сè добра организација“, кажува Симјаноски.
Симјаноски останува да ја гради својата иднина во Хрватска каде доаѓаат сè повеќе млади од Македонија.
„Секојдневно се среќавам со многу наши кои работат ваму. Речиси нема место или ресторан каде што нема запослено двајца-тројца Македонци, а во некои ресторани и целиот тим е од Македонија“, додава тој.
Хрватска е една од земјите каде најмногу се бараат келнери, готвачи, собарки и општи работници во хотелиерството и угостителството.
С. ВРЕНЦОВСКА