Менување на Законот за шумите и Законот за минерални суровини во скратена постапка е штетно за заштитата на животната средина, вели Коалицијата за клима, која побара од пратениците да ги повлечат предложените измени на овие закони и да спроведат консултација со граѓаните и граѓанските организации, пред да ги предложат на усвојување во редовна постапка. Овие закони се меѓу осумте закони чие менување во скратена постапка е во интерес на олеснувањето на изградбата на Коридорот 8.
„Предложените измени на Законот за шумите и Законот за минерални суровини без одржување јавна и стручна расправа може да има непоправливо штетно влијание врз животната средина и уставните принципи. Во таа насока, Коалицијата за клима, надоврзувајќи се на реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, бара изменувањето на законите поврзани со животната средина и климатските промени да се носат во редовна постапка, преку овозможување јавни и стручни расправи, на кои ќе се анализираат сите влијанија од предложените законски измени“, соопшти Коалицијата за клима.
Оттаму посочуваат дека изменувањето на Законот за шумите предвидува дека на „стратешките инвеститори“ не се применуваат одредбите за согласност за трајна пренамена на шуми и шумско земјиште, па се заклучува дека тие немаат обврска да бараат согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Предложените измени на Законот за минерални суровини, пак, предвидуваат изменување на постапката за доделување концесија за детаљни геолошки истражувања и времетраењето на концесијата за експлоатација на минералните суровини при изградба на стратешките инвестиции.
„Законите не би требало да се изменуваат заради конкретен проект, туку треба да воспостават систем во кој заштитата на животната средина би била приоритет. Изменувањата на законите кои допираат прашања од областа на животната средина и природата би требало целосно, професионално и стручно да се анализираат од аспект на сите влијанија кои може да ги предизвикаат“, истакнува Коалицијата за клима.