МИЦКОСКИ РЕЧЕ ДЕКА Е НЕПРИСТОЈНО ДА СЕ НАВРЕДУВААТ ПРОФЕСОРИ, ОТКАКО БЛЕНДИ ХОДАИ ПОБАРА ДА ГИ ОТВОРАТ БИФЕАТА ВО СОБРАНИЕТО И ВЛАДАТА ЗА ДА ЈАДАТ И СТУДЕНТИТЕ БИФТЕК ЗА 160 ДЕНАРИ

    МИЦКОСКИ РЕЧЕ ДЕКА Е НЕПРИСТОЈНО ДА СЕ НАВРЕДУВААТ ПРОФЕСОРИ, ОТКАКО БЛЕНДИ ХОДАИ ПОБАРА ДА ГИ ОТВОРАТ БИФЕАТА ВО СОБРАНИЕТО И ВЛАДАТА ЗА ДА ЈАДАТ И СТУДЕНТИТЕ БИФТЕК ЗА 160 ДЕНАРИПо поднесувањето ан тужбата против Владата и МОН со барање за ретроактивна исплата поради задоцнетото зголемување на студентскиот оброк, Ходаи кажа оброкот е законско право, а не „милостина“ на Владата (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Христијан Мицкоски го нарече непристоен Бленди Ходаи од Форумот за образовни програми, кој во петокот, кога поднесе тужба против Министерството за образование за забетонираната мала сума за студентскиот оброк, побара Владата и Собранието да ги отворат вратите за студентите, за и тие да јадат како пратениците и министрите бифтек за 160 денари.

    За споредба, бифтекот во ресторан е најмалку 1.500 денари.

    „Ја слушнав изјавата не само од оваа лице, туку и од други поединци. Во најмала мерка како редовен универзитетски професор, педагог и родител можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата, сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење кое што понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно. Јас жалам што тој не беше на оној состанок каде што беа легитимните претставници на студентските движења за кои што разговараме за студентскиот оброк, нешто што ние го работиме во Владата, во рамките на она за кое што јас зборував да можат студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума која што ќе биде одобрена на месечно ниво, да продолжат и понатаму да го користат во ланците за дополнителни попусти, дополнителни привилегии“, одговори денеска Мицкоски на новинарско прашање.

    Додаде дека кога сето ова ќе заврши: „повторно ќе се вратам на Универзитетот и повторно ќе работам и другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, кое што се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи“.

    Во петокот Бленди кој е поранешен претседател на Сојузот на средношколци на Македонија, реагираше на висината на средствата наменети за студентски оброк. Рече дека пратениците и владините функционери треба самите да покажат како може да се помине со дневниот износ што им е на располагање на студентите.

    „Нека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јадат пратениците, па потоа нека зборуваат што може да се купи со 140 денари“, рече тој.

    Ходаи смета дека нема логика студентите да се приспособуваат на ограничениот износ, додека функционерите имаат бројни поволности.

    „160 денари за бифтек, а потоа сакаат да им кажуваат на студентите како и на што можат да ги трошат парите. Значи, не сме во иста линија. Некои луѓе немаат допир со реалноста“, кажа Ходаи.

    Ходаи од Форумот за образовни промени (ФОП) поднесе тужба до Управниот суд против МОН и министерката Весна Јаневска. Тужбата е поднесена во име на шестмина студенти поради неусогласување на износот на субвенционираниот студентски оброк со годишната стапка на инфлација и порастот на животните трошоци.

    Тужбата е за законско прекршување: ФОП тврди дека МОН го прекршило Законот за субвенциониран студентски оброк, според кој износот од 140 денари дневно мора редовно да се усогласува со инфлацијата. Но, и за финансиски долг, зашто според пресметките на Форумот, Министерството не го направило ова усогласување веќе три фискални години, со што му должи по околу 100 евра ретроактивно на секој од околу 30.000 студенти во државата.

    Студентите бараат судот да утврди дека МОН постапувало незаконски и да наложи ретроактивна исплата на средствата кои им припаѓаат. Ходаи рече дека оброкот е законско право, а не „милостина“ на Владата, истакнувајќи дека студентите се соочувале со притисоци и закани пред да се охрабрат да ја потпишат изјавата за тужбата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира