ЗА НАПАДИТЕ НА ДЕЦА АЛБАНЦИ ВРЗ ВРСНИЦИ МАКЕДОНЦИ ВО ТЕТОВО МОЖЕ КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРААТ ПСИХОЛОЗИ, ПЕДАГОЗИ И ДИРЕКТОРИТЕ НА УЧИЛИШТАТА, ВЕЛАТ ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ

    ЗА НАПАДИТЕ НА ДЕЦА АЛБАНЦИ ВРЗ ВРСНИЦИ МАКЕДОНЦИ ВО ТЕТОВО МОЖЕ КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРААТ ПСИХОЛОЗИ, ПЕДАГОЗИ И ДИРЕКТОРИТЕ НА УЧИЛИШТАТА, ВЕЛАТ ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИНападите и малтретирањата притоа се снимаат и се објавуваат на ТикТок. (Фото: ТикТок/принтскрин)

    Тетовските улици не се безбедни за децата Македонци последниве недели, тие се напаѓани од врсници до 14 години кои не подлежат на кривична одговорност, а нападите и малтретирањата притоа се снимаат и се објавуваат на ТикТок на групите „Каурски пички“, „Балисти“ и други.

    Со овие деца се занимава и им изрекува мерки тимот за правда на децата во Центарот за социјални работи (ЦСР) Тетово. Од досегашните разговори со напаѓачите, овие стручни лица извлекуваат заклучок дека за овие зачестени меѓуетнички напади највиновни се училиштата, односно стручните служби во школите кои се законски обврзани, а не преземаат ништо за нападите кои буквално им се случуваат на голем одмор и пред нос.

    „Не се одговара кривично само за погрешно постапување, туку и за непостапување на тие педагози, психолози, директори“, ни рекоа од Обвинителството и од ЦСР Тетово, кои притоа ги пофалија како соработливи не само родителите на насилниците, туку и самите деца-сторители на врсничко насилство.

    СВР Тетово апелира до родителите веднаш да го пријават секој сомнителен или насилен настан директно во најблиската полициска станица или на бесплатниот број 192.

    Родителите на тепаните деца се револтирани, велат дека нападите се брутални и оставаат последици, па затоа ако треба да излезат некаде, тие ги придружуваат. Велат бандите им се втуруваат пешки на нивните деца, односно со трчање, или на електрични тротинети. Обично фаќаат едно, другите ги оставаат да избегаат. Тепаат-снимаат-бегаат. Тоа се случува претежно дење во период на настава, односно на голем одмор, но и попладне.

    Најчесто машки деца на 13-14-годишна возраст напаѓаат година-две помали соученици или деца од некое друго школо, но родители сведочат дека пресретнато било и девојче, кое било од напаѓачите било натерано да каже: „Јас сум балистка“.

    Во некои од бандите има и над 14-годишни напаѓачи, и со нив се занимава Обвинителството. Со помалите се занимава Центарот за социјални работи на Тетово, таканаречениот тим за правда на децата.

    Дарко Гавриловски од Тетово, чие дете беше нападнато на 22 октомври, веднаш го објави нападот на фејбук-страната „Го љубим Тетоо“.

    „На 22 октомври 2026 година се случи нов меѓуетнички инцидент, за нов ТикТок предизвик. Полицијата молчи. Сите знаат и со страв ги пуштаат децата на улица. Пред само 30 минути во строгиот центар близу слаткара ‘Тропико’ и ‘Наше Дете’, пет деца го сопреле мојот син и уште едно дете, двајцата на 11 години. Тргнати на тренинг на Спортски центар во детскиот клуб ‘Фит кид’ со копачки на нив и опрема. Ги фатиле за гуша и да им ги соблекуваат  јакните да видат дали се ‘Војводи’. Еден од нив снимал со мобилен, а снимките се за посебна ТикТок група каде ваквите тепањата низ Тетово се ставаат и се за масовна трка кој ќе стави појако видео“, се вели во објавта која сè уште стои.

    Гавриловски е многу револтиран зашто, иако сопругата дала детална изјава дека врсниците на момент и го стискале за врат нивното дете, сепак во записникот полицијата навела дека немало физички контакт.

    Мајка на 11-годишно дете од Тетово кое е објавено на ТикТок и како му паѓа тостот што си го купило на голем одмор, е револтирана што иако се гледа како го тепаат, напаѓачите 9 месеци не се откриени и казнети.

    „По нападот го смирувавме дома детево, тоа беше многу вознемирено. Уште е и тоа го покажува ноќе, кога спие. Седевме дома и му се јави другар: ‘Еј брат, те има на Антикаури, на ТикТок’. Во деновите што следеа го викнаа син ми на препознавање и тој ги препозна тепачите и снимателот. Беа ученици-Албанци од неговото училиште. Од исто место храна си купуваат, се знае кои се, а од полиција ни рекоа не можеле ИП-адресите да им ги најдат“, вели оваа родителка.

    Потоа има видеа како бркаат дете и како успева да се спаси во такси, со текст: „Бегајте, пички каурски!“.

    Администраторите на фејсбук-групата „Го љубим Тетоо“ ни покажаа поплака од возрасни луѓе на кои им доаѓаат и им викаат под прозор овие групи малолетни насилници, но и таква дека балконот и вратата им се мавани со камења, само затоа што се сушел на врвка мокар дрес на ФК „Тетекс“.

    „Бараме засилени полициски патроли низ Тетово за оваа масовна меѓуетничка појава на малтретирање деца, а секторот за компјутерски криминал при МВР да провери кој тоа низ Тетово зел правда во свои раце, па тепа све живо што му личи облечено на „Војводи“, вели Гавриловски и наведува и други секојдневни примери со тепање деца Македонци, со соблекување јакни, тренерки.

    Се обративме до МВР за овој голем проблем кој зеде замав во Тетово и оттаму рекоа дека ја средуваат состојбата.

    „СВР Тетово соодветно постапува за секој случај што се однесува на безбедноста на малолетните лица. Заштитата на децата, спречувањето на малолетничкото насилство и зачувувањето на јавниот ред и мир се врвен приоритет во секојдневната работа на полицијата. Во текот на 2026 година, во СВР Тетово пријавени се 12 случаи на нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти помеѓу малолетни лица од различни етнички заедници. Расчистени се пет случаи во кои утврдени се сторителите и преземени се законски мерки, при што кон родителите/старателите е поведена соодветна прекршочна постапка согласно член 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ), со оглед на одговорноста што ја имаат родителите за однесувањето на малолетните деца“, укажува МВР дека поради децата напаѓачи кои не можат кривично да се гонат, сега ќе одговараат нивните родители.

    Расчистени биле три кривични дела за кои се комплетирани доказите, при што две кривични пријави се веќе изготвени и доставени до Основното јавно обвинителство ОЈО Тетово, додека едно кривично дело е во фаза на завршување и како што се наведува, во најскоро време ќе биде проследено до надлежното обвинителство.

    „Последните четири случаи се во фаза на активна истрага и расчистување, при што за два настана сторителите ѝ се веќе познати на полицијата, а во моментов се чека на официјален извештај од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР) за целосно завршување на постапката. За останатите два настана постојат основано сомнителни лица и интензивно се работи на нивно целосно документирање, по што ќе следуваат соодветни поднесоци“, вели МВР.

    Полицијата постапува во рамките на законските прописи кои се однесуваат на малолетници (Законот за малолетничка правда). За секој пријавен случај веднаш се известуваат Центарот за социјална работа, дежурни обвинители за малолетници, а разговорите и сослушувањата се изведуваат во присуство на родители, социјални работници и психолози, што понекогаш бара одредено време за стручна обработка.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се јави во ЦСР Тетово, каде тимот  за правда на децата, составен од Светлана Стаматовска, Фиторе Саити, Радица Перински и Зура Етеми, интензивно работи со децата-сторители и децата-жртви на насилство, како и со нивните родители. Тимот за овој голем проблем што настана во градот исклучува политика, вели дека се работи за навивачка еуфорија и влијание на проблематични деца за кои школите гледаат и не преземаат ништо.

    „Доаѓаат напаѓачите, родителот или двајца родители ги носат. Соработливи се. Тоа се деца кои кажуваат сè, не можат и не сакаат да сокријат нешто. Во суд пак, тие кои имаат наполнето 14 години, од страв признаваат сè. Тие се смирени, изречени им се мерки. Насилниците се под влијание на проблематични деца од средината, училиштето во кое учат, а за кои тоа не презело ништо. Има и навивачка еуфорија меѓу децата“, вели Стаматовска.

    Таа смета дека и порано веројатно постоеле обиди за напади меѓу деца на меѓуетничка основа, но училиштата не дозволувале да се случат.

    „Најголемиот пропуст е во школите, бидејќи ова насилство се случува на одморите. Во Тетово се мешани децата. Можеби имало и претходно насилство, но училиштата не ги дозволувале понатаму. Досега ризикот беше во средните училишта. Школите подвалуваат во системот. Нивните стручни служби. Ни да пријават девијантно однесување, закачки, провокации, ни да преземат нешто. Родителите знаат нивните деца се на училиште, откаде да знаат дали тепаат или ги тепаат“, вели Стаматовска.

    Додаде и дека на обуките што сакаат да им ги направи тимот во тетовските училишта, незаинтересираните вработени и директори им праќаат по неколку суперодлични деца кои не се ни тепаат и се културни и воспитани, а никогаш цели одделенија или проблематични деца.

    Родителите на децата-жртви велат дека откако почнале да пријавуваат и масовно да споделуваат во јавноста за насилството врз нивните деца, видливо е поголемо присуство на полицијата во градот.

    „СВР Тетово ги отфрла наводите дека случаите биле игнорирани. Напротив, секоја пријава се евидентира, се преземаат оперативни мерки на терен, се вршат разговор со малолетниците и родителите, се прегледуваат видеозаписите (вклучително и материјали од социјалните мрежи кога постојат такви индикации) и се преземаат мерки за спречување на било какви нови инциденти“, се вели во одговорот од МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира