КАДЕ ВИ СЕ ОЧИТЕ

Нема лабаво со Трајко. Мора да има ред. За скопјани пред автобуски станици, за битолчани пред банкомати.

    1 Кога Трајко Славески беше претседател на Советот на Град Скопје, четири години не можеше да донесе одлука за купување на автобуси за јавниот превоз. Ама кога Трајко Славески стана гувернер на Народната банка, за неполна година одлучи кому ќе му дозволи да ја купи „Стопанска банка Битола“.

    Синким Трајко Славески нешто одлучува. И за купувањето на автобусите со кои ВМРО-ДПМНЕ ѝ тераше инает на нивната кандидатка Данела Арсовска што си ја избраа за градоначалничка на главниот град. И за одобрувањето на „Алта банка“ од Србија да ја купи „Стопанска банка Битола“ која била основана уште 1948 година како „Комунална банка“ за финансирање на локалното население и стопанството.

    Добро, ама барем Славески си е конзистентен со одлуките. Кога не даваше да се купат автобуси за јавен превоз, ги стави во ред скопјани што со часови чекаа автобус. Сега ги стави во ред битолчани, што паѓаат во несвест пред банкоматите и шалтерите на „Алта банка“. Нема лабаво со Трајко. Мора да има ред.

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека случајот со битолската банка е увезен. А кој го увезе? Ќе направат белја, па после ќе се фалат колку успешно се справуваат со белјата што ја направиле.

    Вели и дека е виновна опозицијата затоа што шири паника.

    Виновни ли се и медиумите што уште прашуваат: Кај ви беа очите, кај ви беа ушите?

    А не е виновен тој што дозволил банка стара 78 години да биде купена од човек кој пред шест години од сопственик на менувачница пораснал во 100-процентен сопственик на банка. Каде беше финансиското разузнавање, каде беше Агенцијата за национална безбедност? И министерката за финансии ништо не знаела за молскавичниот успех на банката за чии врски со Александар Вучиќ и неговата партија со години се пишуваше во Србија, а и Европската централна банка во 2024 имаше отворено истрага за перење пари.

    Кој требаше да знае? Битолските пензионери, пелагонските земјоделци и нивните деца што им праќаат пари од Австралија за да уживаат во најдобрата економија во Европа?

    2 Сè почна кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во мај 2025 го предложи професорот Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Славески беше член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје, како советник од листата на ВМРО-ДПМНЕ. Беше министер за финансии во Владата на Никола Груевски од 2006 до 2009. А во Владата на Љубчо Георгиевски од 1999 до 2000 година беше министер за развој. Ќе беше фино тогаш претседателката да имаше доблест барем за гувернерот на централната банка да обезбеди консензус. Кога веќе во пристапниот говор пред Собранието вети дека „ќе биде претседателка и на левата и на десната страна“.

    Не за џабе потсетувам на функциите што претходно ги извршуваше сегашниот гувернер на централната банка. Славески си даде оставка од партиските органи. Законот за Народна банка ја гарантира нејзината независност. Ама Народната банка се вика „народна“ баш затоа што треба да го штити јавниот интерес, а не интересот на партијата која ти овозможила едно чудо политички функции.

    Така што, ништо не се случува преку ноќ, па и кризата со ова нашава, македонска „Алта банка“. Кога ќе ја партизираш Народната банка, тогаш за очекување е одлуките во банкарскиот сектор да ги носиш по партиски диктат.

    Ако гувернерот се однесува како партиски послушник, тогаш кој го контролира банкарскиот систем? Партискиот штаб?

    3 Одамна веќе не се возбудувам на извештаите на Европската комисија за напредокот кон ЕУ. А гледам дека и луѓево околу мене не се возбудуваат оти во нив нема нешто ново што тие не го знаат, не го гледаат и не го чувствуваат во секојдневието. А власта пак, ич не се возбудува.

    Досега сме имале и добри и лоши извештаи од Брисел. Ама бидејќи власта знае дека и да имаме најдобар извештај, никаде нема да мрднеме, нема зошто да си го расипува комфорот дома. Особено кога спроти себе има раскарана и дезориентирана опозиција која се занимава самата со себе.

    Признавам дека малку ми е криво оти овојпат нè нема во првата четворка кандидати: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Кога ние добивме кандидатски статус во 2005, Црна Гора уште немаше прогласено неависност. А да не збориме дека бевме пред Хрватска, што е во ЕУ веќе 13 години, кога во 2000 први ја потпишавме Спогодбата за асоцијација и стабилизација.

    Не сме многу различни од нив, ама имаме различни комшии. Ниедна од овие четири држави нема соседи што ти се такви душмани што ти викаат дека не постоиш, а сакаш да си член на таа фамилија. За волја на вистината, Украина има сличен душман на нашиот, што вели дека Украинците се измислена нација и дека украинскиот јазик е руски дијалект, ама за разлика од нас и Бугарија, Украина има среќа дека Русија не е во ЕУ, па нема право на вето.

    Нема што да се очекува од Бугарија со двојката од проруската претседателка Јотова со прорускиот премиер Радев. Тивко е и во периметарот на Трамп, во кој Мицкоски се крстеше со две раце, особено сега по изборите за Конгресот и Сенатот на САД. Ни амбасадор не ни праќа, од што сме му многу битни. Остана Мицкоски и без Орбан да му дава кредити пред избори и без Вучиќ да му купува банки.

    Сите сме заглавени. Ептен. Ќе си живееме во филмот за најдобра економија на светот. И ќе чекаме да се смени светот.

    4 Се возбуди интернет заедницата затоа што Петар Богојевски, претседател на една минорна партија што е дел од владината коалиција, во емисија на национална приватна телевизија изјави дека феминизмот придонел жените да се однесуваат неадекватно и дека треба да бидат под надзор на мажот. Потоа, некаде трескаше и дека жените не треба да се пуштаат сами во кафеана, дека обврска на мажот е да врши надзор над неа и дека на секој маж му треба женска нега.

    Човекот не е било кој. Тој е професор на Воената академија. На тоа место беше распределен со политичко усогласување со коалициониот партнер, откако пред тоа беше тргнат од местото директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност меѓу кои и програмата „Еразмус“ поради дискриминаторски говор и говор на омраза.

    Државата го плаќа да образува млади луѓе. Кога професор на Воена академија на национална телевизија проповеда дека жените треба да бидат под надзор на мажите, тоа не е само приватно мислење на човек што не ги пушта жените сами во кафеана. Тоа е прашање какви вредности пренесуваме на идните офицери во една војска на НАТО. И дали Воената академија се оградува од таквите ставови.

    На човекот не му чинат жените. Предава на војници во држава која во антифашистичката борба дала седум жени народни  херои. Не му чинат Албанците, а меѓу тие хероини има од сите националности што биле во партизани. Не му чинат ни комунистите што му ја ослободиле земјата и му направиле држава. А академијата од која што зема плата се вика „Генерал Михајло Апостолски“.

    И два дена после ваквите изјави на професорот, се случува уште едно убиство на жена во Богданци, само затоа што е жена.

    Не можеш да ја контролираш? Натепај ја. Не те слуша? Запали ја. Сака да си замине? Убиј ја. Нека се фрли од тераса сосе ќерката.

    И последната жртва, 17-годишната Билјана од Богданци претходно барала заштита од институциите. Како и многу други жени пред неа.

    Е тука веќе не зборуваме за некојси професор и неговите средновековни сфаќања во согласност со лицемерието со кое оваа влада предметот „Сексуално образование“ во школите го замени со „Заштита на здравјето“. Зборуваме за држава во која еден јавен службеник објаснува како мажите треба да ги контролираат жените, а институциите не успеваат да ги контролираат мажите што им се закануваат на жените.

    Каде се институциите што се заробени од партиите? Ај што се заробени, ама барем да си ја работат работата. Каде им се очите? Каде им се ушите?

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира