На денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас по повод најновиот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија, на новинарски прашања премиерот Христијан Мицкоски двапати побара „Обвинителството да се занимава со истрага за саботажа од страна на опозицијата СДСМ“, како за „ширење паника меѓу граѓаните“ како што рече, така и по тврдењата за фингирање на неисплатениот јавен долг на државата кон фирми, за кој СДСМ тврди дека кога ја предавал власта бил со 55% неисплатеност, а сега ќе надмине 68 отсто до крајот на годината.
„Го прочитав и тоа соопштение од опозициската СДСМ. Затоа е добро Јавното обвинителство да се занимава со ова кривично дело ‘саботажа’, бидејќи ова што го зборуваат не е само дневна политика. Ова е многу подлабоко од тоа и навлегува во темелите на државата. Па зарем вие ќе можете да препознаете, а сте дел од Светска Банка или Меѓународен Монетарен фонд, подобри перформанси во македонската економија и да ги нивелирате вашите проценки за 2026-та, ако Владата фингира? Не. Нормално дека не. Тие на тој начин ја обвинуваат Светска Банка и Меѓународниот Монетарен фонд, не Владата“, рече Мицкоски.
Во врска со барањето за апсење за Алта банка, рече дека опозицијата шири хистерија и притоа гарантираше дека и во најлошо сценарио, како што рече, државата ќе ги исплати клиентите до последен цент.
„Загрижува тоа што ми се јавуваат компании кои тврдат дека ќе ги затворат бизнисите поради тоа што нивните деловни партнери во Србија се соочуваат со финансиски проблеми поради блокираните средства во Алта банка. Ова е увезен проблем, не е наш. Ако состојбата не се стабилизира наскоро, може да дојде до затворање компании и губење работни места во двете земји“, рече Христијан Мицкоски и кажа дека при влегувањето на Алта банка-Србија во Македонија, убедувањата оти биле исполнети сите законски услови, дошле од Комисијата за хартии од вредност и од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Што правеле АНБ, Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за разузнавање, Гувернерот на Народната банка и други институции под власта на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски не спомна.
Мицкоски го повика Обвинителството да ја апси опозицијата за саботажа, во присуство на Рокас, кој го претстави Извештајот на ЕУ во кој се забележува мешање на Владата во обвинителството и во судството.
Премиерот денеска рече дека Извештајот за 2026 година е подобар од ланскиот за 2025 година, за судството кажа дека се донесени реформските закони, кажа дека е готов и Кривичниот законик кој патем власта на ВМРО-ДПМНЕ намерно не го носи две години за ако краде, да важат во иднина пред суд овие, поблагиве норми коишто се држат како актуелни се уште. Дополнително, според актуелните намалени казни за корупција и злоупотреби на функционери, овие кривични дела брзо застаруваат.
Според нашиот Устав, за обвинетите лица секогаш важат поблагите норми пред правосудните органи, а не построгите, без оглед кога се случени кривичните дела, па во иднина и да се донесе нов Кривичен законик со построги казни, би важеле денешните од кои власта никако не сака да се збогува и покрај нотираната забелешка во Извештајот на ЕУ.
С. К. ДЕЛЕВСКА



